Некогаш пророк Исаија предупредувал: „Станувајте, кнезови, намачкајте ги штитовите свои!“ (Иса. 21,5).
Премудриот Павле исто говори: „Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство“ (Ефес. 6,11). Божјите пријатели, кои се ревнители на добродетелта и усрдници во прекрасното, мошне мажествено водат борба против секое нечисто и плотско насладување.

Против упорноста на ѓаволот тие ја спротивставуваат силата на верата, трпение во бедите, непобедлива решителност, ревност во трудољубието – воопшто сè, што е достојно за пофалба. Мислам, дека никој не може да достигне таков степен на духовна машкост и по таков начин да добие слава, достојна за восхит, ако тој го нема Христа за сопатник и помошник.

Христос секогаш е готов да помогне и содејствува на оние, кои се стремат да мудруваат за ова, за кое и Он мудрувал – готов е да ги поткрепи оние кои бараат преку Него очистување и сметаат дека е чест да поднесат хулење заради Него. Затоа, боговдахновениот псалмопевец, вели: „Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небесниот Бог.

И ќе му пее на Господа: Ти си мој заштитник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам! Зашто Он ќе те избави од стапицата на ловецот и од збор кој збунува. Со плеќите Свои ќе те осени и под крилјата Негови ќе бидеш во сигурност; како што ќе те
опкружува Неговата вистина“ (Пс. 90,1-4).

Дека ние ќе се јавиме како победници над својот непријател, со поткрепата на Бога, во тоа не уверува Оној, Кој говори: „Бидејќи се надеваше на Мене и ќе го избавам и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое. Ќе повика кон Мене и ќе го чујам; со него сум во неволја; ќе го избавам и ќе го прославам“ (Пс. 90, 14-15).

Оние кои сакаат да ги победат своите непријатели и да добијат слава, должни се да одбегнуваат секаква нечистота: „оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефес. 6,12); тие грижливо го набљудуваат животот на луѓето и ги следат постапките на секого. Поради тоа, нам ни е нужно да водиме живот туѓ на секаков укор, за да не паднеме под обвинение од нивна страна, зашто таткото на гревот е наш непријател и прогонувач.

Оние кои во овој свет, по правилата на војната и борбата, влегуваат во бој со своите непријател или само добиваат телесни рани или пак им нанесуваат такви на своите противници. Кај нас не е така – по зборовите на Писмото: „Оружјето на нашето војување не
е телесно“ (2Кор. 10,4). Затоа ние добиваме не телесни рани, но примаме во душата и срцето похоти и се поробуваме на телесни страсти – ете зошто е нужно да се облечеме во духовно оружје, да се оградиме со небесна благост и доколку е можно, да ја држиме душата подалеку од секаква духовна стрела. На тој начин, ние ќе ги победиме нашите противници и откако ќе ја победиме секоја страст, ќе ја запазиме за Бога убавината на душата необезобразена.

 

Св. Кирил Александриски