Порокот ја имитира доблеста и плевелот се обидува да се покаже како пченица. Меѓутоа, способните се кадарни да ги препознаат за време на јадењето: и ѓаволот се претвора во светол ангел, не за да се врати во својата поранешна состојба, туку за да ги измами луѓето (бидејќи неговото срце е тврдо како наковална, а самата волја му е непоколеблива и тој  не сака да се покае), па живеејќи слично на ангелите, да ја шири темнината на слепилото и смртоносното неверерие. Постојат многу волци кои се движат во овчо крзно. Тие имаат овча кожа, но немаат овчи заби и копита. Бидејќи се покриени со крзно на кротко животно, тие со својот изглед ги мамат обичните луѓе и од своите вилици го ослободуваат погубниот отров на смртта.

Значи, потребна ни е божествената благодат, бодра мисла и внимателни очи, за во незнаење да не сееме плевел наместо пченица и со тоа да претрпиме штета; да не наидеме на волк, сметајќи го за овца; да не станеме конечно храна на злотворниот ѓавол, прифаќајќи го како милостив и благодатен ангел. Според зборовите во Светото писмо, тој оди како лав што рика и бара некого да проголта. Од овие причини, Црквата ја препорачува поуката и затоа се овие наши поучни собирања; заради тоа и се чита Светото писмо.

Начинот на богопочитувањето се содржи во овие две придобивки: во точното познавање на побожните догмати и во добрите дела. Догматите без добри дела не се според волјата Божја; Тој дури и делата не ги прифаќа ако не се засновани врз побожните догми. Каква е користа ако некој добро го познава учењето за Бога, а срамнотно се заблудува? Од друга страна, каква е користа ако се живее правилно и воздржано, а срамно се богохули? Значи, познавањето на догмите и бодроста на душата претставуваат голема придобивка.

Бидејќи има многумина кои се соблазнети од философијата и од штетните учења: паганите ги привлекуваат на своја страна со слатки зборови; медот капе од устата на блудницата, обрезаните се фаќаат во стапица со накарадното толкување на божественото Писмо, трудејќи се над ова од своето детство па до староста и така остаруваат во незнаењето; следбениците на еретиците со лажни зборови ги лажат срцата на простите луѓе, криејќи го под името Христово, како под мед, најодвратниот отров на злобните правила; за сите нив Спасителот зборува истовремено: внимавајте никој да не ве измами! Заради тоа се вршат поуките во верата, заради тоа и се објаснува Божјото Слово.