Должни сме, браќа, да ги почитуваме Божјите празници, воздржувајќи се од секакво зло, одбегнувајќи секаква нечистотија, вподобувајќи се на светите Божји угодници, читајќи ги нивните житија во светите книги, и да се трудиме со вера и од сето срце да дознаеме со која добродетел, или со кои добри нарави тие го најдоа Царството Небесно.

Како тие го занемарија овој минлив живот? Зошто мнозина од нас заминуваме од овој свет, без да го познаеме? Како нашето богатство, што сме го стекнале со многу труд, ни се одзема во еден ден? Размислувајќи за ова, неминовно доаѓаме до заклучокот дека светите Божји угодници се предаваа на подвизи, на бдеење и на секакво воздржување. Поради тоа, браќа, и ние сме должни да го следиме нивниот пример и низ подвиг да го бараме нашето спасение. А најмногу од сите празници потребно е да го почитуваме денот на Христовото воскресение, односно Светата недела. Зашто во тој ден се оствари почетокот на сето видливо создание; во тој ден архангелот Гаврил ѝ го благовести Божјото воплотување на Света Богородица, и во тој ден нашиот Господ Бог воскресна од мртвите, откако го уништи адот и, со Својата смрт, ја порази нашата жестока, лоша и престапничка волја.

Со радост да го празнуваме овој ден, во слава на Христовото воплотување, на Неговото воскресение и на почетокот на овој видлив свет, украсувајќи ги црквите Божји со духовни песни и насладувајќи ги своите срца и души со богогласни четива. Оти Самиот Господ Бог наш го озакони овој ден, кога му рече на Мојсеј: „Шест дена нека работи твојот слуга и твојата слугинка, твојот вол и твоето осле, а во седмиот ден нека почиваат!“ (2 Мој. 20, 9-10). Да се собираме во црква на молитва, зашто овде примаме исцеление на душите и на телата; овде заради нас се извршува страшна тајна; овде гласот Божји се огласува и заради нас се извршуваат неискажливи работи; овде Синот Божји лежи пред нас на страшна трпеза, заради нас излевајќи ја како јагне Својата чиста крв, за прошка на гревовите, сакајќи да нè направи учесници во Неговото Царство.

Затоа, браќа, со покајание треба да отстраниме од себе секаква нечистотија и така да Му пристапиме, откако со солзи ќе ги измиеме знајните и незнајните гревови и со смирение ќе го понизиме своето срце, како што и Он Самиот Себе се смири и стана Бог и човек истовремено, за да го спаси човекот од прелеста ѓаволска и ни го покажа патот на спасението, велејќи:

„Блажени се смирените по дух, зашто нивно е Царството небесно!

Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат! Кој, пак, не плаче поради своите гревови, тој без успех ќе плаче неутешно во вечна мака.

Блажени се кротките, зашто тие ќе се наречат синови Божји!

Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ (Мт. 5, 3-7).

Да побрзаме, браќа, и ние да се удостоиме за ова блаженство, правејќи од себе Црква Божја на Светиот Дух, без да држиме злоба еден кон друг, цветајќи со благоверие, светлејќи со љубов кон бедните, украсувајќи се со братољубие, да бидеме духовно распламтени, служејќи Му на Бога, пристапувајќи кон Него со страв и со чистота, за да се покажеме достојни пред Него, како што Самиот Он рекол: „Ќе се вселам во нив, и ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ“ (3 Мојс. 26, 12; 2 Кор. 6, 16).

А како ќе биде тоа? Зар оној, во кого што ќе се всели Бог преку причестување со Неговото животворно тело, не е почист од злато? Зар тој не се обновува секојдневно со чистота и како орел со умот зар не полетува угоре? Разбирајќи го ова, браќа, да се обновуваме со добрина и со чистота и животот да ни биде достоен; по светост, а не само по име да се нарекуваме христијани! Откако ќе се оддадеме на духовен подвиг, еден со друг да се натпреваруваме со добрина, та и нам да ни рече нашиот Господ: „Дојдете, благословени од Мојот Отец, наследете го Царството кое ви е подготвено од создавањето на светот“ (Мт. 25, 34). Него, впрочем, отсега да Го прославиме со добри дела, иако досега бевме свикнати да живееме во слабости и во мрзливост. Но, од овој ден па натаму преку Христа Исуса, нашиот Господ, Кому нека Му е слава, сега и секогаш и во вечни векови, да се потрудиме да правиме добри дела, оти „Царството Небесно се зема на сила, и силните го грабаат“ (Мт. 11, 12).