Човекот кон совршенството го води или му штети она што е внатрешно, а не она што е надворешно, т.е. или духот на благодатта или духот на лукавството.

Ако на некој голем град му ги разурнат ѕидините, па го освојат и опустошат непријателите, тогаш ништо не му вреди што тој е толку голем. Зашто покрај големината, тој треба да има и цврсти ѕидини, за да не можат непријателите да влезат во него. Така, душите кои се украсени со знаење, разбирање и со многу остар ум, слични се на големите градови. Но, се поставува прашањето: Дали се тие утврдени со силата на Духот, па непријателите да не можат да влезат внатре и да ги опустошат? Зашто мудреците на овој свет Аристотел, Платон или Сократ, па и некои други, поради своето солидно знаење биле слични на големи градови, но ги опустошиле непријателите зашто тие Го немале Духот Божји.

А луѓето неучени, кои станале заедничари на благодатта, личат на мали градови утврдени со силата на крстот. Тие, пак, се лишуваат од благодатта и гинат од две причини: или затоа што не ги поднесуваат трперливо маките што ги стигнале, или затоа што се насладуваат и им се предаваат на гревовните задоволства.

Својот пат тие не можат да го завршат без искушение. Како што при раѓањето на деца и сиромашната жена и царицата ги чувствуваат истите маки, а слично на ова земјата, и на богатиот и на сиромашниот, ако не е обработена не може да даде добар плод, така и во душевното делување, и мудриот и богатиот не може поинаку да се здобијат со благодатта, освен преку трпение, маки и многу труд, затоа што таков треба да биде животот на христијаните. Како што слаткиот мед во себе нема ништо горчливо или отровно, така и христијаните остануваат благи, и покрај сето добро или лошо што ќе им се случи. Како што вели Господ: „Бидете“ благи, „како што е… вашиот Отец.“ (Лук 6, 36). А она што е штетно и што го осквернува човекот е внатре во него: „од срцето излегуваат лоши помисли“ (Мат. 15, 19) – како што вели Господ. Зашто она што го осквернува човекот е внатре во него.

Значи, внатре во душата ползи и се движи духот на лукавството, тој разумен двигател, т.е. покривката на темнината, стариот човек, кого треба да го соблечат сите што прибегнуваат кон Бога, за да се облечат во небесниот и новиот човек, т.е. Христос. Така и на човекот ништо надворешно не може да му наштети, а му наштетува само духот на темнината, што живее, дејствува и престојува во срцето, па затоа секој треба да поведе борба во помислите, за во неговото срце да заблеска Христос. Нему слава во вековите! Амин!