Според црковното Предание, засновано на пророштвото на Малахија: „Еве, Јас ќе ви го испратам пророкот Илија пред да настапи големиот и страшен ден Господов“ (Мал. 4, 5), пророкот Илија ќе биде претходник на Второто Христово доаѓање на земјата и ќе биде убиен заради проповедање на Христа, повторувајќи ја на тој начин истата судбина на св. Јован Крстител, кој дошол во духот и силата на Илија, како Претеча на Спасителот. Христос вели: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сè, но ви велам дека Илија веќе дојде, и не го препознаа, а направија со него како што сакаа; така и Синот Човечки ќе пострада од нив“ (Мт. 17, 11-12).

Дека Илија е еден од предвесниците на Христа, сведочат неговите чуда. За време на сушата, која била резултат на гревовите на царот Ахав и на народот Израилев, тој се населил во домот на вдовицата од Сарепта Сидонска – незнабошка по потекло, подобно на Христос Кој дошол при народот на Израил што полека гинел и пропаѓал. И Христос, откако бил отфрлен од избраниот народ, потоа бил примен од незнабошците.

Илија, во домот на вдовицата го воскреснал нејзиниот единствен син, кој претходно починал од некоја непозната болест, исто така и Христос подоцна ќе ги воскреснува мртвите во Својот земен живот.

Додека пророкот се наоѓал во домот на вдовицата се случило уште едно чудо. Маслото од садот во кој било чувано никако не завршувало, а исто така и брашното. Ова е предвесник на чудото со лебовите и рибите, со кои Господ ги наситил оние што дошле да ја слушаат Неговата проповед.

Дека Илија е најголем меѓу пророците ни сведочи токму Евангелието. Единствено тој и Мојсеј се удостоиле да се најдат покрај Христа за време на Неговото Преображение на Тавор.

Има различни објаснувања зошто токму овие двајца пророци биле избрани од Христа.

Како прво Мојсеј, а потоа и Илија, имале опит на непосредно богоопштење: Мојсеј од Бога го добил Законот, а исто така и бил во близина на Севишниот, онолку колку што тоа е можно за човекот – Го видел „Бога од зад грб“ (2.Мојс. 33). Илија, пак, откако бил повикан од Бога, застанал лице в лице пред Него, покривајќи си го притоа лицето со својот плашт (3.Цар. 19).

Свети Јован Златоуст изнесува едно друго мислење: „едниот починат, а другиот како некој што сè уште не искусил смрт, застанале покрај Христос за да покажат дека Он има власт над животот и смртта, и владее над небото и земјата“.

Извор: pravmir.ru