Без разлика какви добри дела прави секој човек – мудар или немудар, научник или неук, богат или сиромашен, – со какви подвизи и да се подвизува и обременува во сегашниот живот, ако тоа не помага за оздравување на неговата душа од нејзините немоќи, суетно и бесполезно е сето тоа за него, зашто неговата душа останува надвор од Царството небесно; зашто во Царството небесно се примаат само здрави луѓе, кај кои нема никаква немоќ. А тие немоќи, кои ги посочивме понапред, тие непотребни пориви на телесните похоти, таа пристрасност кон земните и световните работи, богатството и суетната слава, ниту една душа не може да ги исцели во себе, ниту може да оздрави самата или со помош на некој друг човек.

Тие можат да бидат излекувани само од нашиот Господ Исус Христос, како што е напишано: „Он ги зеде на Себе нашите немоќи и ги понесе болестите“ (Матеј 8:17). Бидејќи, ако човечките души – не зборувам за идолопоклониците и безбожинците, па дури ни за Евреите, кои верувале во вистинскиот Бог, – можеа со леснотија да ги презрат световните похоти и телесните наклоности и на таков начин да се извлечат од владетелот на овој свет, ѓаволот (бидејќи тој преку тие страсти се стекнал со власта на смртта), тогаш не би имало никаква потреба благиот, милосрден и човекољубив Бог да стане Човек, да се распне и по смртта да слезе во земната преисподна, односно во адот.

Но, работата е во тоа што никој не може да го презре светот и сè што е светско и телесно, ако не стане причесник на Божествената благодат и не добие за тоа сила од Господа Исуса Христа. А оној што, укрепен од божествената сила Христова, не го замрази од почеток, од сето свое срце, сето светско и телесно, тој воопшто не ќе може да ги исполни Христовите заповеди, или, како што е напишано, секогаш да се клони од зло и да прави добро (Пс. 33:14).

Затоа, секој кој верува во Христа, треба пред сè останато да проси од милостивиот Бог благодат и сила да го презре светот и сè што е светско, сите страсти и плотски похоти, а потоа, откако ги презре, над тоа и да се труди со топла вера, за да го достигне нивното умртвување, каква што е смртта Христова, како што вели апостол Павле дека секогаш ја носи „во своето тело смртта на Господа Исуса“ (2. Кор. 4:10). Ете, такви просби се благоугодни пред Бога и Тој со благоволение ги слуша, како што нè уверува свети Јован Богослов: „ако побараме нешто по Неговата волја, Тој нè услишува“ (1. Јован. 5:14).

Бидејќи единствено тоа Бог и сака од луѓето да бараат од Него, односно она што го води човекот кон вечно спасение. Затоа никој од луѓето да не се грижи за ништо друго и за ништо друго да не го троши трудот во овој живот, освен само за тоа – неговата душа да биде здрава и слободна од секоја светска и телесна страст во последниот час на смртта.

Така, неопходно е душата да се исцели од секоја своја слабост и тогаш, кога таа ќе оздрави, може да Му послужи на Бога како што прилега, исполнувајќи ги Неговите божествени заповеди, и да се појави непосрамена, кога ќе застане на Страшниот Христов суд. Ако таа не го стори тоа, односно не Му послужи на Бога и не ги исполни Неговите заповеди, макар и во мала мера, тогаш на судниот ден несомнено ќе се покаже неисцелена од страстите и затоа ќе биде фрлена во геенскиот оган, кој ќе ја проголта во својата неугаслива печка и ќе ја гори во вечни векови. Зашто геенскиот оган не може да гори никој друг, освен оние кои во сегашниот живот ги оставиле своите души неизлекувани и така неизлекувани преминале и во другиот живот.

Св.Симеон Нов Богослов