Крштението е почетокот на благодатниот живот. Ретки се оние што успеаваат да ја зачуваат оваа благодат. За жал, повеќето од христијаните со текот на времето ја губат. Гледаме дека во реалниот живот, во некои луѓе никнуваат повеќе или помалку зли никулци, на кои им било овозможено да се развиваат и во нив да се вкоренат. Во други можеби и да биле поставени добри почетоци, но тие поради лична склоност или поради туѓа соблазна, ги заборавиле во своите млади години и почнале полека да се привикнуваат на злото. Никој од нив го нема во себе вистинскиот христијански живот, така што ќе мора повторно од почеток да го започнат. Заради тоа православната вера им ја нуди Светата тајна Покајание. „Ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, Праведникот“ (1. Јован 2, 1). Ако си згрешил, согледај го гревот свој и покај се за него. Бог ќе ти ги прости гревовите и ќе ти даде „ново срце и нов дух“ (Езекиил 36, 26). Не постои друг пат: или не греши, или покај се! Судејќи по многубројноста на оние што после крштението паѓаат, би можело да се каже дека покајанието за нас станало единствен извор на вистинскиот христијански живот.

Треба да се знае дека преку Светата тајна Покајание кај некои луѓе само се поттикнува и се разгорува дарот на благодатниот живот кој веќе го примиле и кој во нив веќе дејствува; кај други, пак, се положува самиот темел на таквиот живот, а дарот повторно им се дарува и тие повторно го примаат. Ќе го разгледаме подетално вториот случај. Овде преку одрекување од себе и од сѐ останато, станува збор за решителна промена на подобро, за пресврт на волјата, за одвраќање од гревовите и за обраќање кон Бога. Овде пред сè е карактеристичен, болниот покајнички пресврт на волјата. Човекот се навикнал на зло, а сега треба речиси да се разурне себеси. Го натажил Бога, а сега би требало да гори во огнот на сопствениот неподмитлив суд. Оној што се кае, всушност трпи породилни болки, и внатре во своето срце, на извесен начин ги испробува адските маки. На Еремија кој плачел, Господ му наредил да разрушува и повторно да ѕида и да насадува (Еремија 1, 10). Господ го испратил плачниот дух на покајанието на земјата, за кај оние што ќе го примат да проникне до разедлување на душата и на духот, до зглобовите и до мозокот (Евреите 4, 12), да го разурне стариот човек и да положи темели за градење на новиот. Во покајникот наизменично се сменуваат стравот, тивката надеж, болката, тивката утеха, стравотии на речиси вистинскиот очај, провејување на радоста на милосрдието Божјо. Се сменуваат и го држат во таква состојба, како кога некој, разделувајќи се од животот, сепак останува во надеж дека ќе прими нов.

Тоа е болно, но е и спасоносно; така што, оној што не го почувствувал овој болен пресврт, неминовно не ни започнал да живее во покајание. И нема надеж дека човекот ќе смогне сили, ако не мине низ овој оган на искушението, и дека самиот ќе почне да се очистува во сè. Одлучното и живо спротиставување на гревот произлегува единствено од омразата спрема него и од чувствувањето на неговото зло, и тоа чувствување се манифестира со сета сила токму во болното покајничко прекршување. Човекот, само преку него чувствува со сето срце колку гревот е големо зло и затоа понатаму бега од него како од адски оган. А без ова болно преживување, ако некој и почнал да се очистува, ќе се очистува само површно, повеќе однадвор отколку одвнатре, повеќе во постапките отколку во расположението, и затоа неговото срце и понатаму ќе остане нечисто, како нестопена руда.

Таква промена во човековото срце предизвикува Божјата благодат. Само таа може да го поттикне човекот да ја „крене раката“ врз себе за да се „заколе“ и да се принесе како жртва на Бога. Ново срце и нов дух дава само Бог. На човекот му е жал за самиот себе. Слеан со телесноста и со гревот, човекот станал едно со нив. Само повисока сила, од страна, е способна да го одвои од нив и да го вооружи против него самиот.

Така, препородот на грешникот е производ на благодатта, но сепак, тоа не станува без неговиот слободен стремеж кон таквата состојба. При Крштението благодатта ни се дава во мигот на извршувањето на Светата тајна, а слободната волја доаѓа подоцна и го присвојува подареното. Во покајанието, пак, слободната волја и стремежот треба да учествуваат во самиот чин на препородувањето.