Преподобната маченичка Параскева Римјанка била единствена ќерка на родители христијани, на кои таа им се родила по долги и искрени молитви. Уште од мала била воспитувана во побожноста, а и самата влијаела врз луѓето за да почнат да живеат христијански. Рано ѝ умреле родителите, а таа целиот имот го раздала на сиромаси и се замонашила.

Како монахиња, со уште поголем жар го проповедала Христовото Евангелие иако во тоа време христијанството била забранувано и најжестоко прогонувано од римската власт.

Некои пакосни Евреи први ја наклеветиле кај императорот Антониј Пиј, кој со ласкања се обидел да ја придобие за таа да се откаже од својата вера. Но кога во тоа не успеал, ја подложил на жестоки измачувања ставајќи ѝ на главата вжештен шлем. Но и од овие страдања таа на чудесен начин се спасила, побегнала од Рим и продолжила да ја проповеда вистинската вера Христова.

Уште на двапати, односно уште во два града, света Параскева била измачувана, но повторно на чудесен начин се спасила бргу излекувајќи се од здобиените рани. На нејзиното мачење присуствувал и самиот император. Кога била фрлена во котел со врело масло и со катран, таа останала неповредена, а од течноста му прснало на императорот во очите, по што тој ослепел. Параскева се помолила на Господа и тој оздравел.

Гледајќи ги нејзините страдања, но и чудата што се случувале, многумина ја примиле христијанската вера. За да ја сокријат вистинската причина за нејзиното брзо оздравување, паганите нејзините чуда ги изедначувале со маѓиите, а оздравувањето му го припишувале на нивните богови. Но самата Параскева еднаш на мачителот му рекла: „Не ме излекуваа твоите богови, туку мојот единствен Бог Исус Христос“.

Најпосле, некој кнез по име Тарасиј ја исекол со меч. На тој начин, оваа светителка славно го завршила својот живот. Нејзините мошти подоцна биле пренесени во Цариград. Св. Параскева Римјанка чесно пострадала за Христа во II век.

Света Параскево моли Го Бога за нас!