Секој кој е опфатен од Божествената слава треба да се засрами од себе и да го разбере својот срам, барем онолку колку што се засрамил Адам во својата телесна голотија: кој иако направи облека од смоквини лисја, сепак се срамел, разбирајќи и увидувајќи ја својата ништожност и голотија.

Поради тоа, нека таквата душа го моли Христос кој ја дава облеката во слава на неискажливата светлина, па нека не си прави облека од суетни помисли. Нека не мисли, излажана со (наводно) сопствената праведност дека поседува облекло за спасение.

Господ ја познава човечката немоќ и знае дека човекот бргу и лесно се налутува и навредува. Поради тоа и го задржува и го става во постојано вежбање и во неволји. Бидејќи, ако стануваш неподнослив и се налутуваш кога ти се дава малку, што сè би направил ако оддеднаш ти се даде да се наситиш. Знаејќи ја пак твојата немоќ, Бог, по Својот домострој ти праќа неколку неволји за да станеш смирен и поревносно да Го бараш.

Бидејќи, белег на христијанството е скривањето на своето искуство пред Бог од луѓето. Макар и да ги има сите царски богатства со себе, (Христијанинот) ќе ги чува во тајност и ќе зборува: „Тоа не е мое богатство, туку друг го остави кај мене. Јас сум сиромав и оној кој го оставил може да го земе кога сака. Повеќе не ми е потребно“. Оној пак што зборува: „Јас сум богат. Доволно ми е ова што го стекнав. Повеќе не ми е потребно“ – не е христијанин, туку сад на прелеста и ѓаволот. Бидејќи, Божјата сладост е ненаситна. Оној што ќе ја вкуси и проба, станува уште погладен. Таквите луѓе горат од незадржлива љубов кон Бог. Доколку се грижат повеќе да создаваат и да напредуваат, толку повеќе се сметаат за сиромашни и оскудни. Тие велат: „Недостоен сум сонцето да ме огрее“. Тоа е белег на христијанството. Тоа е смирение.

Сиромашниот (човек) никогаш нема да го смета за свое богатството кое Царот му го доверил. Тој секогаш себеси ќе се смета за сиромашен, не смеејќи да го троши туѓото богатство. Затоа тој во себе секогаш расудува вака: „Тоа богатство не само што е туѓо, туку ми го довери силниот цар кој може да го земе во кое било време“.
…никој од браќата не треба да биде над својот брат, ниту пак, излажан од лукавиот, да напредува во надменоста и да му зборува: „Јас веќе имам духовен дар“. Бидејќи, не им приличи на христијаните така да мислат. Ти не знаеш што утрешниот ден ќе направи со твојот брат. Ти не знаеш каков ќе биде твојот и неговиот крај.

Затоа христијаните треба да се грижат да не осудуваат никого – ни јавната блудница, ни грешниците, ни развратните луѓе, туку на се да гледаат со простодушност и со чисто око, за наскоро тоа да им стане непроменлива природа на неосудување, да не се гнасат од ништо и да не прават разлика меѓу луѓето.