Боготрагателот живее во непрестајно движење и растење, вознесувајќи се непрестајно кон Небото

Бидејќи Бог по природа е бесконечен и непристапен, копнежот на Светиите за соединување со Него никогаш не може да биде исполнет докрај. Боготрагателот живее во непрестајно движење и растење, вознесувајќи се непрестајно кон Небото. Таквото силно стремење кон Бог било својствено за светиот апостол Павле, кој напишал: „Се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа“ (Филип. 3, 13-14).

Токму со таков стремеж кон Бог бил разгорен учителот на монасите – преподобниот Антониј Велики. Со текот на времето, тој копнеж и таа љубов се зголемиле во него толку многу што тој, на крајот, можел да каже: „Повеќе не се плашам од Бог, бидејќи Го љубам“. Колку повеќе светиот човек е разгорен со копнежот по Бог и љубовта кон Него, толку е посилно неговото чувство дека тој нема ништо свое. Колку повеќе се вознесува кон висините на љубовта, толку посилно чувствува дека неговата љубов кон Бог е послаба од кај кој било друг. Бесконечната и прекопнежлива Божја Убавина е недостапна за човечкото поимање, бидејќи Бесконечното не може да се смести во она што е конечно. Затоа Бог во душата на човекот постепено се открива, учејќи го да Го бара, да копнее по Него и со Него да се насладува. Тогаш душата се стреми кон Небото, кон Божествената Убавина, за да може целата да ја стекне и да ја смести во себе.

Свети Нектариј Егински