Целта на нашиот живот е да станеме совршени и свети. Да се покажеме како деца Божји и наследници на Царството Небесно. Да внимаваме да не би поради овој живот бидеме лишени од идниот. И да не би, можеби, поради животните грижи и неспокојства, ја занемариме целта на нашиот живот.

Постот, бдеењето и молитвата сами по себе не ги носат саканите плодови, затоа што тие не се цел на нашиот живот; претставуваат само средства за постигнување на целта. Украсете ги вашите светила со доблести. Борете се да ги отфрлите страстите од животот. Очистете го срцето од секоја нечистотија и држете го чисто, за да дојде и да се всели во вас Господ; за да би ве исполнил Светиот Дух со своите божествени дарови.

Мои љубени деца, целиот ваш труд и грижи да бидат во тој правец. Тоа да биде целта и незапирливиото тежнеење. За тоа да биде целата ваша молитва кон Бог.

Барајте го Господ секојдневно внатре, во вашето срце, а не некаде надвор. И кога ќе Го најдете, застанете со страв и со трепет како Херувимите и Серафимите, бидејќи вашето срце станало престол Божји. Но, за да би го нашле Господ, смирете се себеси до прашинка, бидејќи Господ се гнаси од гордите, додека ги љуби и ги посетува смирените по срце. Затоа и вели: „Но, на кого ќе погледнам? На оној кој има смирен дух и кој трепери од моите зборови“ (Исаија 66,220).

Бори се во добра борба и Бог ќе ти даде сила. Во борбата ги сретнуваме слабостите, недостатоците и нашите грешки. Борбата е огледало на нашата духовна состојба. Кој не се борел не се запознал самиот себеси. Внимавајте дури и на малите грешки. Ако од невнимание направите некаков грев, не губете надеж, туку бргу станете, припаднете кон Бог кој има моќ да ве подигне. Претераната тага во себе крие гордост. Претераната жал и безнадежноста се штетни и опасни, и често пати се преувеличуваат од страна на ѓаволот со цел да се прекине напредувањето кај оној што се бори. Имаме и слабости и страсти и мани кои се длабоко вкоренети во нас. Сето тоа не може да се скрши преку колено, ниту со помош на слабостите и тешката жалост, туку со трпение и истрајност, храброст, труд и внимателност.

Патот кој води кон совршенство навистина е долг. Молете се Бог да ви даде сила. Трпеливо да се сретнете со вашите падови, и штом станете брзо, да итате, а не да стоите како деца, на местото каде што сте паднале, неутешно плачејќи и липајќи.

Бдејте и молете се да не паднете во напаст. Не очајувајте ако често паѓате во старите гревови. Многу од нив се силни по природа и по навика меѓутоа со помош на времето и се помош на ревноста се победуваат. Ништо да не ве фрла во безнадежност.