Не спасува местото, дете мое, туку начинот, грижата, подготвеноста и човечката трезвеност. Внимавај добро и ќе ти објаснам повеќе примери.
Најпрвин Енох, како што и сведочи Писмото, Му угодил на Бога макар што бил во светот и имал фамилија, и што е почудно од се, живеел меѓу бесчесни луѓе.

Потоа, сети се на Авраам, каков Божји пријател се покажа! А Авраам беше многу богат, со добиток, сребро и злато. Сепак, ништо од тоа не се покажало како пречка за благочестието и љубовта кон Бога и конечно, за негово спасение. А што да кажеме за Лот? Каде живеел тој? Меѓу демонски соблазни, меѓу Содомјаните! Иако праведниот ги гледал често да грешат пред неговите очи, никогаш никого не осудил. Затоа Бог го возљубил и не го лишувал од Своето Царство.

Сети се на Јов кој беше најбогат од сите на истокот. Тој имаше богатство, неизмерна слава, и жена и деца, слуги и слугинки. Сепак, тој достигна спасение, како и другите. Исто така беше и со Исаак, со Јаков, со Јосиф и со безброј други што му угодиле на Бога во својот живот.

Освен тоа, каде Мојсеј го повикал Бога? Таму, на Црвеното море. И Бог веднаш му одговорил: “Мојсеј, Мојсеј, зошто викаш кон Мене?”. А и Даниил и трите момчиња каде се помолиле? Тој во јамата, тие во печката. И Бог ги послуша и им испрати ангел Свој и ги спаси. Погледни го и Јон, кој се нашол во утробата на китот, погледни го и разбојникот кој од својот крст со само два молитвени збора го отворил рајот.

Гледаш ли брате мој, колку му угодиле на Бога на различни места сите овие луѓе, заблескувајќи со различни доблести. Што, најпосле, правел блажениот Павле? Седел во својата работилница и шиел шатори. А знаеш кој бил тој, како проповедал и што напишал?

Сепак, мислам дека доста реков. Верувам, оти веќе се увери во тоа дека на секое место може да му се угоди на Бога. Секаде постои спасение за оној кој внимава на себе, бидејќи и Бог е секаде присутен.

Извадок од книгата
Свети Нифонт, подвижник меѓу епископите