Служејќи му на Бог, живееш во рајот. Ако го запознаеш и ако го засакаш Христос, живееш во рајот. Христос е рај. Рајот почнува овде. Црквата е рај на земјата. Многу сличен – дури и ист – со тој на небесата. Истиот рај кој се наоѓа на небото се наоѓа и овде на земјата. Овде сите души се едно, како што во Света Троица се три божествени Лица – но меѓусебно соединети да прават едно Битие.

Нашата главна грижа е да се посветиме на Христос, односно да се соединиме со Црквата. Ако влеземе во Љубовта Божја, тогаш влегуваме во Црквата. Ако не влеземе во Црквата, ако не станеме едно со овдешната земска Црква, тогаш постои ризик деке ќе ја изгубиме и онаа небесната. А кога велиме небесна, не треба да мислиме дека во идниот живот ќе наидеме на градини полни со цвеќе, на ридови, реки и птици. Таму ја нема овоземската убавина. Таму постои нешто друго, нешто сосема возвишено. Но за да стигнеме до него, претходно треба да поминеме низ земските слики и убавини.

Кој живее со Христос, станува едно со Него и со Црквата Негова. Живее вон себе од восхит. Таквиот живот се разликува од животот на другите луѓе. Таквиот живот е радост и веселба, полет во небесните висини. Тоа е животот на Црквата, животот на Евангелието. Тоа е Царството Божјо, Царството Божјо во нас (Лука 17,21). Во нас се вселува Христос, а ние почнуваме да живееме во Него. Се случува нешто слично како што се случува со парче железо. Ако го ставиме во оган, тоа станува оган и светлина; а штом го извадиме од оганот, повторно е обично, темно железо; повторно е мрак.

Во Црквата доаѓа до божествено соединување меѓу Бог и луѓето. Во Црквата се обожуваме. Кога сме со Христос, ние сме во светлина и тогаш не постои мрак. Светлината, меѓутоа, не трае постојано; нејзиното присуство зависи од нас. Ни се случува истото што се случува со железото кое потемнува штом се извади од оганот. Мракот и светлината не одат заедно. Никогаш истовремено не може да имаме мрак и светлина. Или светлина или мрак!

Кога ќе го запалиш светлото, мракот исчезнува.

Од книгата „Живот и поуки на Свети Порфириј Кавсокаливит“

 

Извор- https://www.cudo.rs/%d1%81%d0%b2-%d0%bf%d0%be%d1%80%d1%84%d0%b8%d1%80%d0%b8%d1%98%d0%b5-%d0%ba%d0%b0%d0%b2%d1%81%d0%be%d0%ba%d0%b0%d0%bb%d0%b8%d0%b2%d0%b8%d1%82-%d1%86%d1%80%d0%ba%d0%b2%d0%b0-%d1%98%d0%b5-%d1%80%d0%b0/?fbclid=IwAR1q0Eqk47sNt9q1wU5IUt8VBoR9DCplMbkbYHYEJg34a-k35uH5dJkKuzg