И би раката Господова врз мене и Господ ме изведе преку Духот и ме постави среде полето, а тоа беше полно со коски,
и ме спроведе околу нив, а таму во полето имаше безброј коски кои беа наполно суви.
И ми рече: „Сине човечки, ќе оживеат ли овие коски?“ И реков: „Господи Боже, Ти го знаеш тоа.“
Па ми рече: изречи пророштво за тие коски и кажи им: „Коски суви, чујте го словото Господово!
Така вели Господ Бог: еве, Јас ќе внесам дух во вас и вие ќе оживеете.
Ќе ви дадам жили, ќе направам да ви израсне месо, ќе ве покријам со кожа и ќе вдахнам во вас дух, па ќе оживеете и ќе познаете дека Јас сум Господ.“
Јас го изреков ова пророштво како што ми беше заповедано, и кога пророкував се слушна шум, а потоа и движење, па почнаа коските да се зближуваат, секоја коска до својата коска.
И видов, ете, имаше жили на нив, и месо израсна, кожата ги покри одозгора, но дух немаше во нив.
Тогаш Он ми рече: „Изречи пророштво за духот, изречи пророштво сине човечки, и кажи му на духот, вака вели Господ Бог: дојди од четирите ветра, духу, и дувни врз овие убиени и тие ќе оживеат.“
И јас го изреков ова пророштво, како што ми заповеда Он, и влезе во нив дух – и тие оживеаја и се исправија на нозете свои – многу, многуброен народ.
Тогаш Он ми рече: „Сине човечки, овие коски се целиот дом Израилев. Ете, тие велат: „Се исушија нашите коски и загина нашата надеж – ние сме истргнати од коренот.“
Затоа изречи пророштво и кажи им – вака вели Господ Бог: „Еве, Јас ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам од нив народе Мој, и ќе ве воведам во земјата Израилева.
И ќе познаете дека Јас сум Господ кога ќе ги отворам и ќе ве изведам од гробовите народе Мој.
Ќе вдахнам во вас од Мојот Дух и ќе оживеете, ќе ве населам во земјата ваша, па ќе познаете дека Јас, Господ, го реков и го извршив тоа.“
И би слово Господово до мене:
„Ти, сине човечки, земи жезал и напиши на него: „на Јуда и на синовите Израилеви, неговите сојузници“, и пак земи друг жезал и напиши на него: „на Јосифа“. Тоа е жезалот на Ефрема и на сиот дом Израилев, негов сојузник.
И соедини ги еден со друг во себе, во еден жезал, така што едно да ти бидат во раката.
А кога ќе те прашаат синовите на твојот народ: „нема ли да ни објасниш, што значи ова?“
Тогаш речи им: така вели Господ Бог: „Еве, Јас ќе го земам Јосифовиот жезал, кој е во раката на Ефрема и на неговите сојузници, Израилевите колена, и ќе ги додадам кон него, кон жезалот на Јуда, и ќе го направам еден жезал, и тие ќе бидат едно во Мојата рака.“
Кога, пак, двата жезла на кои ќе напишеш ќе бидат во твојата рака пред очите нивни,
тогаш кажи им: вака вели Господ Бог: „Еве, Јас ќе ги земам синовите Израилеви меѓу народите, помеѓу оние кај кои се наоѓаат, ќе ги соберам сите и ќе ги доведам во нивната земја.
Во таа земја, по планините Израилеви, Јас ќе ги направам еден народ и еден цар ќе биде цар над сите нив и нема да има повеќе два народа, и нема повеќе да се делат на две царства.
И нема веќе да се осквернуваат од своите идоли, од своите гадости и од разни свои пороци; ќе ги извлечам од сите нивни живеалишта каде што грешеле и ќе ги очистам, и ќе бидат Мој народ, а Јас ќе бидам нивниот Бог.
А Мојот слуга Давид ќе биде над нив Цар и ќ е им биде Пастир на сите нив; тие ќе чекорат во Моите заповеди и Моите уредби ќе ги пазат и исполнуваат.
Тие ќе живеат во земјата која му ја дадов на мојот слуга Јакова, во која живееја татковците нивни; таму ќе живеат вечно, и тие и децата нивни и внуците нивни; а Мојот слуга Давид ќе биде кнезот нивни засекогаш.
Со нив ќе склучам завет за мир, вечен ќе биде нивниот завет. И ќе ги средам, ќе ги размножам и меѓу нив ќе го поставам Моето светилиште засекогаш.
При нив ќе биде Моето живеалиште, па ќе бидам нивниот Бог, а тие ќе бидат Мојот народ.
И ќе познаат народите дека Јас сум Господ, Кој го осветува Израилот, кога Моето светилиште ќе биде меѓу нив засекогаш.“
Пророк Езекиил (37, 1-28)