II

Љубовниве слова упатени кон Бога објаснуваат
тука каква промена настанала кај овој отец,
и како, очистувајќи се, најсетне со Бога се
соединил, та каков од каков станал. При крај,
тој богословејќи, говори и за ангелите.

Што безмерна ли е благоста Ти, Спасе?
Како ме удостои член Твој да биднам,
мене нечистиот, развратен и блуден?
Како ме стокми в’одежда светлозарна,
5 којашто со болскот на бесмртност блеска
и сите мои членој светлост ги стори?
Телото Твое нескверно и Божеско
сето сјае с’пламен на Твојто Божество
неискажно вточено и смешано, па
10 со него и мене ме дари, Боже мој.
И гнаснава ми и тлена скинија со
тело Твое сенескверно се соедини,
и крв моја со крвта Твоја се смеша,
па знам? с’Божество Твое сум соединет
15 и пречисто тело Твое постанав, Твој
член болскотен, член кој вистина е свет,
член далекузарен, прозрачен и светол.
Красост Ти зерцам, а го гледам и сјајот,
созирам и Светлост на благодат Твоја,
20 сиот сум смаен од неизустив болскот,
изумен, сам себе согледувајќи се,
о чудо, од каков тоа ваков станав!
Та се бојам и од себе се срамам и
ко од Тебе се страшам и чествувам,
25 па во безизлез сум сиот растревожен,
кај да приседнам, при кого ли да појдам,
каде ли членови Твои да приклонам,
во какви дела, во какви деанија
нив, страшни и Божески, да исползувам.
30 Дај да глаголам и што велам да чинам,
о, Сотворителу и Творче, Боже мој!
Ако тоа што зборам в’дело не свршам,
бакар сум попусто што ѕвечи вељо,
бесчувствен дури и за звуци екотни.
35 Но не ме отфрлај, ниту ме оставај,
не допушти ни да заблудам, Спасе мој,
јас, бедниот, ништиот и туѓинецот,
миријада таланти што сум Ти должен,

но стори исто ко и преди, о Слово!
40 Од наследство тогаш, од очинска земја
цела, од татко, браќа, мајка, свои и
туѓи, од пријатели и сета рода
Ти ме оддели мене, грешникот сушт,
мене, од сите нив најништожен, Спасе,
45 и ме прифати в’прегратки Ти нескверни
мене, неблагодарен за добра Твои.
Така и сега помилуј, Умилни,
така, и уште повеќе, о Боже мој,
и смили ми Се мене и запази ме
50 и скроти ги движењата на духот мој,
па стокми ме долготрпно да поднесам
секое искушение и скрб житејска,
кои сам злоумно си ги навлекувам,
с’кои завидлив род бесов ме искушува
55 и кои немоќните од браќата мои,
со дело и збор, оф леле, ми ги носат.
Згора и сопствени членови ме тиштат,
та повторно од нив бивам измачуван.
За глава избран, но за нозе сум воден,
60 и босоног чекорам со трње боден,
па силно си страдам, не трпејќи болка.
Една од мојве нозе напред си ита,
а другата повторно назад скршнува,
де ваму, де таму ме влечат и тегнат,
65 та се заплеткувам и удолу паѓам.
И така, не можам сите да ги следам,
да се лежи е лошо, но да се оди
вака уште полошо е од лежење,
ко сите други несреќи да натфрла.
70 Господи, подај ми скрушеност и тага,
и удостој ме во темнинава житејска,
в’овој свет, во земјава на жалоста да
Ти служам Тебе и добро Ти угодам
и повелби Твои свети да запазам!
75 Ти благодарам што живот ми даде и
што Те знам и Ти се клањам, Боже мој,
зашто живот е да Те познаат, Един
Боже, Творецот и Создателот на сè,
Нероден, Нестворен, Безначален, Еден,
80 и Синот Твој, Којшто од Тебе е Роден
и Духот Сесвет од Тебе што исходи,
Сеславената Троична Единица,
на Која служењето и клањањето
благочесно е над сета друга слава,

85 што би се рекло, и земска и небеска.
Та што е на ангели и архангели,
на господства, херувими и серафими,
на секое друго воинство небесно
славата или светлост на бесмртие,
90 радост ил’ зарност на живот невештествен,
ако не Светотроична Светлост Една,
што неразделно тројно е разделена,
Којашто Една во Три Лица постои,
незнајно спознавана колку што сака.
95 Зашто не може тварта Творецот така
Цел да Го спознае, како што Самиот
Себе по природа Се познава.
По благодат зерцаат и разбираат
сите ангели, сета тварна природа,
100 не опфаќаат, но узнаваат, ако
посакаш да познаат или им јавиш
на слепци светлост или, пак, на гледашти.
Та и окото без светлина не гледа,
туку и зрение од светлост си прима,
105 оти од неа, всушност, е сотворено.
Спомнеш ли телесно и бестелесно, ќе
најдеш дека сèод Бога е створено.
За било што да чуеш, за небесно ли,
или земско, и за она во бездните,
110 сето тое е с’еден живот, слава,
со едно желание и едно царство,
богатство, радост, венец, победа, мир и
сето друго благолепие, кое е
познание на Начело и Причина
115 од Која сèпотекнува и бидува.
Тоа е строеж на вишни и нижни,
тоа е ред на сèумопостигливо,
тоа е служение на сèвидливо,
тоа беше цврста основа на ангели,
120 кои престекнале познание и страв,
штом го видоа сатаната да паѓа
с’оние што се смајале од суета.
Зашто сал тие што го заборавиле
ова, паднаа поробени од гордост,
125 но тие што задржале познание,
се возвисиле со страв, а и со љубов,
прилепувајќи се кон својот Владика.
Така, знаењето за Владичеството
стори да им се умножи и љубовта,
130 за уште повеќе и појасно да

созрат на Троица Молскавичен Болскот,
а ова и секоја друга мисла им
отсече и ги стори неменливи нив,
што во начело изменлива природа
135 примија, в’небеса вишни што си седат.

eti Nov