За Божественото озарение и просветлението на Духот Свети, а и за тоа дека
Бог е единственото место во кое сите светии имаат упокоение по смртта, како
и за тоа дека отпаднатиот од Бога не ќе има на друго место упокоение воидниот живот.
Каква трепетна тајна во мене се совршува?
Збор не ја искажува, ниту, пак, може нешто да
напише беднава ми рака во фалба и слава
на Суштиот над восфалби, на Суштиот над зборој.
5 Ако ова што сега в’мене блуден се совршува
нескажано и неизречно е, како тогаш Оној,
ај кажи, Кој на ова Подател е и Творец,
би имал нужда од наша фалба ил’ принос на слава?
Та не може да се слави Суштиот Препрославен,
10 ко што не може да се осветли или светлост да
прими сонцево што го гледаме во светот, кое
зари, а не се озарува, сјае, а сјај не прима,
па си има она што од искон, од Творца си зело.
Значи, штом Бог, на сè Творец, го создаде сонцето,
15 безнуждно го сотвори, штедро со болскот да блеска
и ништо повеќе од некој друг да не му треба,
како тогаш Он од мене ли ништ слава да прими?
Та сосем Безнужден е на сонцето Создателот,
Тој Којшто сè преисполнува со блага секакви,
20 имајќи крепост тоа по волја сал в’миг да чини.
Тука и јазикот од зборој ми се лишува, а
ум зерца она што се врши, но не го толкува,
гледа и сака да продума, но збор не наоѓа,
зашто незреното го созерца, в’целост безвидното,
25 простото, сосем несложеното, с’вељост безмеѓна.
Ни почеток му зерца, ниту крај му гледа, за
средост сосем не знае, како да каже, што гледа?!
Ми се чини дека Возглавена Целост се гледа,
но никако по суштина, туку низ причастие.
30 Ако ли од огин оган палиш, цел оган примаш,
кој си стои неподелен, неисцрпен ко преди,
додека предадениот од првиот се дели
и, како телесен, в’многу светилки престојува.
Оној, пак, духовниот, неразделив си бидува
35 и исцело неодвоив, неподелив постои,
и кога се предава, в’мноштво не се разделува,
а в’мене пребивајќи, останува неподелен,
та изгрева во мене, внатре во прежалното ми
срце како сонце или, пак, како диск сончев се
40 јавува сферовиден, светловиден, небаре в’плам.
Не знам што е кажано, што да кажам јас за ова,
посакав да молчам (каму таа среќа да можев!),
но чудото страотно срце ми возбудува
и ја отклучува устата моја осквернета,
45 па и без да сакам, прави да зборам и пишувам.
О Ти, Кој за час изгреа во мрачното ми срце,
Којшто ми јави чудеса, очи што не виделе,
Којшто слезе при мене, при последниот од сите,
Којшто ме сотвори син и ученик апостолски,
50 мене, кој ме имаше страшниот змев човекоморец,
што преди бев аргат на секое безаконие.
О Сонце Предвечно, Коешто во адот заблесна,
а сетне ми ја озари душава помрачена
и ме обдари мене ли со невечерниот ден,
55 – неверно е ова за мрзливи дембели ко мене!-
о Ти, Кој исполни скудност в’мене с’блага секакви,
Сам ми Ти словесност даруј и зборови ми подај,
та на сите да раскажам за Твојте чудодејства,
кои и денес ги чиниш меѓу нас, рабите Ти,
60 за и тие што дремат во мракот на мрзливоста
и велат: Невозможно е грешници да се спасат,
па ко Петар и другите апостоли, светии,
преподобни, праведни да бидат помилувани,-
да спознаат и да научат дека ова лесно
65 било, е и ќе биде за Твојата Ти Добрина!
И тие што мислат? Те имаат, на цел свет Лачу,
и тие што мислат? не Те гледаат, в’светлост не се,
ни се просветлени, ни везден Те зерцаат, Спасе.
Нека познаат дека уште не си им блеснал во
70 ум, ни си Се вдомил во срцата им изгнасени,
па попусто се дуеле с’тие надежи празни,
мислејќи дека по смрт ќе созрат светлост Твоја!
Та залог за тоа одовде и баш тука печат
од Тебе, Спасе, им се дава на десните овци!
75 Зашто на секого смртта му е заклучување,
и подеднакво по смртта никој веќе не може
ни лошо, ниту, пак, добро да направи, и секој,
Спасе мој, ќе биде в’она во што се нашол тогаш.
Тоа ме плаши, Владико, и трепетен ме чини,
80 ете тоа ми ги расточува сите сетила,
зашто слепиот кој умрел, па преминал онаму,
никогаш веќе чувствено не ќе го созре сонцето,
дури и штом воскресне, та лач очен пак си прими.
Исто така и оној со слеп ум, доколку умре,
85 не ќе Те созре Тебе, Умното Сонце, Боже мој,
туку од темнина излегува за в’мрак да влезе,
и во вечност од Тебе одвоен ќе си остане.
Ниеден човек што во Тебе, Владико, верува,
ниеден од тие што в’Твое име се крстиле,
90 не би го поднел тоа големо и грозно бреме,
разделеноста од Тебе, Благи, страшен ли чемер,
грозоморен и неиздржлив вековечен печал!
Што е полошо од раздвоеноста од Тебе, Спасе?!
што е помачно од тоа да си разлачен од Живот,
95 та ко мртов да живееш таму, од Живот лишен,
а с’тоа да се лишиш и од сите блага, зашто
од Тебе раздвоениот, од сите добра е лишен.
А тогаш не ќе биде како сега на земјата,
каде тие што не Те знаат, телесно уживаат
100 и си се веселат, пирувајќи како бесловесни,
имајќи она што за угодие в’живот с’им дал,
и сал тоа го гледаат и мислат исто ќе е
дури и по исходот на душата и животот.
Но лошо проценуваат, лошо расудуваат,
105 думајќи дека не со Тебе, ами во покој ќе
се, и за некакво место се готват – о безумство!-
кое ни в’светлост учествува, ни в’мрак удел има,
од Царството надвор, но исто и од геената,
далеку од Одаја Брачна и од огнот праведен,
110 во којшто беднициве и сакаат да појдат,
штом велат дека не им треба Вечната Ти Слава
или Царството Небесно, туку сал в’покој да бидат.
Оф, помраченост нивна, оф, непознание нивно,
оф, каква бедотија и пусти ли надевања!
115 Никаде така не пишува, зашто ќе го нема,
но в’Светлост ќе се деателите на Божеското,
во мрак, пак, казнен ќе пребиваат злодејците, а
меѓу нив посреде, пропаст страшна ги разделува,
ко што нè поучи Сам Ти, Кој ова си приготвил.
120 Зашто на човекот кој паѓа среде, над секое
мачење и казна тоа ќе му биде пострашно,
во бездната на маките, в’ждрелото на гибелта,
несреќно таму да се стрмоглави и тоне,
кај тешко би се упатиле тие што се в’маки
125 за да би преминале в’земја на праведниците,
претпочитајќи в’огнот грозен да се пеплосаат,
одошто ли во пропаста страотна да се сринат.
Така, тие што по смрт сакаат таму да бидат,
достојни се за многу солзи и ридања, зашто
130 сосем се бесчувствени, небаре скотој бесловесни,
и сами зло си сноват, сами се прелестуваат.
Ти си Царство Небесно, Ти Христе, Земјо на кротки,
Ти си Рај Буен, Ти, Брачна Одајо Божествена,
Ти си Ложница Нескажна, Ти, Трпезо за сите,
135 Ти си Лебот на Животот, Ти, Питие Најново,
Ти си и Стомна с’Вода, Ти, и Вода на Животот,
Ти си и Светило Незгасно за сите светии,
Ти си и Риза, и Венец, и на венци Подател,
Ти си Радост и Покој, Ти, Угодие и Славо,
140 Ти си и Веселие, Ти, и Радование, и
ко сонце ќе светне, Боже мој, благодатта Твоја
на Сесветиот Дух внатре во сите светители,
и ќе зазариш, о Сонце Непристапно, среде нив,
та сите ќе бидат озарени во сооднос со
145 верата, делата, надежта и љубовта и со
очистеноста и просветленоста на Духот Твој,
Боже, Единствен Долготрпен и на сите Судец,
на кои ќе им досудиш разни домој и места
по мера на озареност, по мера на љубовта,
150 на созерцанието Твое, по чиј што обем на
величие, славата, угодието и знамението ќе
им се во разни домој и обители чудесни.
Ете, сеници различни, ете многу домови,
ете одежди пресјајни и великодостојни,
155 венци сешарени, драги камења и бисери,
и цветје невенливо, изглед чуден што си има.
Ете одри и легла, трпези, престоли и сè
она што постои за угодие најслатко, кое
било, е и ќе биде Тебе Един да Те гледаат.
160 Но тие, ко што реков, светлост што не Ти гледаат,
ни од Тебе не се видени, па одвоени се
од себлагиот поглед Твој и од добра лишени.
Та кај би нашле покој, каде ли место безболно?
Каде би се вселиле без да станат праведници?
165 Зашто праведните ќе живеат со Твојто лице,
оти си вообличен в’нивното правично срце,
па пребиваат со Твојот лик во Тебе, Христе мој.
О чудо ли, о непоимлив ли дар на Добрината!
Луѓето ги правиш да бидат в’обличје Божјо и
170 во нив да Се вообличи нигде Несместивиот,
Неменливиот Бог, Непреложниот по природа,
Кој посакува да Се вдоми во сите достојни,
така што секој внатре да си Го има Сиот Цар,
па и самото Царство и сè што е Царско, та да
175 се зари, ко што зазари мојот Бог, штом воскресна,
посилно од зраците на ова видливо сонце.
И така, приоѓајќи кон Оној што ги прославил,
изумени тие стојат од претек на славата
и од избликот буен на светлината Божеска.
180 Впрочем, не ќе му има крај во веки на тој растеж,
зашто застојот на буежот крај на Бескрајниот
би значел и дофат на исцело Недофатниот,
заситеност од Тој од Кој ништо не се наситува.
Но полнотата Негова и на светлоста слава
185 ќе биде бездна на подемот и почеток без крај.
Ко тие в’кои внатре Христос им е вообличен,
та при Него приоѓаат, Непристапно Зарниот,
така, крајот во нив бива почеток на славата
и, – појасна мислата пред тебе за да ја сторам ?
190 тие в’крај почеток ќе имаат и в’почеток крај.
Помисли, на Преполниот не му треба додаток,
и тркачи не ќе стигнат до крај на Бескрајниот.
Зашто, кога ќе премине ова видливо небо,
земјата, а и сè земско, разбираш што ти велам,
195 би дофатил ли место, кадешто крај би се нашол?
Не ти говорам телесно, туку со ум ќе можеш
да ја сфатиш полнотата на светот бестелесен,
кој не е свет, туку воздух, како и преди, но ни
воздух не е, а простор нескажлив, „Сè” кој се вика,
200 и е бездна совршено бесконечна, којашто
од секаде исто си е цела, од сите страни,
и ова „Сè” исполнето е с’Божеско Божество.
Тие с’Него што се причесни, в’Него што пребиваат,
како Сето да Го опфатат за да се наситат?
205 Кажи, пак, како крај на Бескрајниот да досегнат?
Неможно е тоа и исцело неизводливо!
Па и на светии, кои во плот овде живеат,
ниту на тие што пред Бога се претставиле, не
може воопшто таква мисла да им се промолкне.
210 Зашто прекриени со светлоста на Божеската
слава, осјаени сјаат и со тоа се сладат,
та вистински си знаат во наполна увереност
дека ова совршенство бесконечно ќе биде
и дека без престан ќе е растежот на славата.
215 Се чудам кај ли стојат од Бога отпаднатите,
што далеку отстапиле од насекаде Суштиот,
и вистина, браќа, ова е чудо полно со ужас,
кое бара расудување на просветлен ум за
добро да се сфати тоа и да не се падне во
220 ерес ко неверните в’словата на Духот Божји.
И тие воедно ќе се наоѓаат внатре в’сè,
но вон светлоста Божеска, та, вистина, вон Бога,
ко оние што сјајот сончев не го гледаат, па
иако цели се озарени, вон светлост стојат,
225 одвоени од неа, од чувство и од зрение.
Така и Светлоста на Божеска Троица е в’сè,
а посреде се грешниците во мрак заклучени,
зашто не гледаат, немајќи ич Божеско чувство,
та од нивната сопствена совест се спалувани
230 и осудувани, за печал неизглаголив да
имаат и мачење непоимливо во веки.