- Како сето наведено може да се усогласи со зборовите: Радувајте се насекаде (Фил. 4,4). Бидејќи солзите и радоста не ги предизвикуваат исти причини. Солзите природно ги предизвикува притисок околу срцето до кој доаѓа сред неочекуван удар или сред напад кој ја ранува и ја стега душата, додека радоста е слична на потскокнување на душата, развеселена со фактот дека делата се согласно желбите. Оттаму потекнуваат и различните телесни знаци. Разжалостените имаат блед сив и ладен изглед, додека телата на радосните се бодри и румени, при што душата само што не скокне и не излезе надвор од задоволство“. Ние ќе додадеме дека плачењето и солзите на светите произлегуваат од љубов кон Бога. Секаде гледајќи на Саканиот и зголемувајќи ја во себе радоста која произлегува од тоа, тие истовремено се грижеле за своите слуги, поправајќи ги оние коишто грешат со своите солзи и оплакувања. Оние кои стојат на брегот и сочувствуваат со оние кои се дават во морето не ја губат сопствената сигурност иако се грижат да им помогнат на несреќните (Лука 6,21; Матеј 5,4). Смеење не се нарекува кикотењето кои од превирање на крвта излегува низ образите, туку чистата веселост, која не е помешана со ништо мрачно. Апостолот ни допушта да плачеме со оние кои плачат (Рим. 12,15), со обѕир на тоа дека некои солзи на некој начин се семе и залог за вечна радост. Воздигни го својот разум и согледувај ја ангелската состојба. Дали ним им доликува друга состојба која е спротивна на радост и благодушност? Бидејќи, тие се удостоени да стојат пред Бог и да се насладуваат со неискажливата убавина на славата на нашиот Творец. Поттикнувајќи нè на таков живот, апостолот ни заповеда секаде да се радуваме.
- Можеме да кажеме дека Господ плачел за Лазар и за градот како што јадел и пиел, и тоа без сопствена потреба. Напротив, Тој реченото го направил за тебе да би ти поставил мера и граница на неопходните душевни страдања. Тој плачел за да ја исправи прекумерната чувствителност и недоличност на оние кои плачат и се склони да плачат. Бидејќи, плачот бара ускладеност со словесноста со обѕир на поводот, количината, времето и начинот на пролевање на солзите. Дека, солзите на Господ не се пролиени поради страдање, туку за наша поука, се гледа од реченото: Лазар, нашиот пријател, заспал, одам да го пробудам (Јован 11,11). Кој од нас го оплакува заспаниот пријател, со обѕир на тоа дека се очекува дека наскоро ќе се разбуди од сонот? Лазаре, излези надвор. (Јован 11,43): и мртвите ги оживеа и врзаните ги прооди. Чудо во чудото: како нозете се способни за движење иако се врзани со погребните завои. Бидејќи она што го зајакна беше посилно од она што го попречуваше. Поради што, Оној кој имал намера да го направи тоа дело, сметал дека случката е достојна за солзи? Зар не е очигледно дека, поддржувајќи ја нашата слабост во сè, го затворил неизбежното страдање во одредени мерки и граници, спречувајќи го отсуството на сочувство (што е ѕверско), но и не дозволувајќи ни да бидеме склони кон голема болка и плачење? Изливајќи ги солзите за пријателот, Тој и сам ни го покажа заедништвото со човечката природа и не избави од крајност од едното и другото наредувајќи ни да не бидеме слаби пред страдањето, но не и бесчувствителни пред тагата. Господ чувствувал глад кога ќе се сварела цврстата храна, чувствувал жед кога би се исцрпила влажноста во телото и се уморува кога при пешачење претерано ги напрегал мускулите и жилите (Јован 4,6, иако напорот не го уморил Божеството, туку телото ги чувствувало промените кои следуваат според природата). Тој исто така допуштил и солзи, дозволувајќи да се манифестираат карактеристиките кои се природни на телото. Кога поради жалост и тага, мозочните вдлабнатини се исполнат со испарувања, па обично се ослободуваат од тажното бреме низ очните дупки, како низ некои канали. При неочекувана несреќа, се појавува некаков шум во ушите, вртоглавица и помрачување во очите, а главата се потресува од пареата која се подигнува од собирањето топла влага во внатрешноста. Облаците се излеваат во дождовни капки, а згуснатото испарување, мислам дека се излива во солзите. Поради тоа, ужалените, наоѓаат одредено уживање во излевањето солзи, со обѕир на тоа дека со плачењето се ослободуваат од она што ги оптоварува. Стварниот опит ја потврдува вистинитоста на кажаното. Ние знаеме дека многумина во неволји се воздржувале од проливање солзи, покрај што ги погодува се некои неизлечливи болести, удари или одземеност, додека други во целосно ја испуштале душата, со оглед на тоа што нивната сила, како слаба потпора, се рушела по тежината на тагата. Може да се види дека пламенот се гуши во сопствениот чад, кој нема каде да оди, туку се шири околу него. И животната сила се исцрпува и се гаси доколку жалоста во себе не најде излез.
- Поради тоа, оние кои се склони кон прекумерно тагување не треба да укажуваат на солзите на Господ како оправдување на сопствената страст. Храната која Господ ја јадел не смее да ни послужи како повод за сластољубие, туку напротив, како највозвишено правило на воздржување и на умереност. Ниту (неговите) солзи не ни се понудени како закон кој пропишува да плачеме, туку како мерка за достојно почитување и како најточно правило во склад на кое сме должни, останувајќи во границите на природата, одмерено и долично да ја поднесуваме несреќата. Поради тоа, ниту на мажите, ниту на жените им е допуштена склоност кон јадосување и неумерено плачење. Впрочем, доликува, доколку тагуваме да пролиеме малку солзи во време на несреќа, и тоа тивко и без липање, без кинење на сопствената облека и посипување со пепел, како и без сите други недоличности, кои им се допуштени на луѓе кои не се научени на небесните (работи). Оној кој се исчистил со божественото учење, треба, како некој цврст ѕид да се загради со правилните зборови, па одважно и силно да ги одбива од себе нападите на силните страсти, не дозволувајќи им да го потопат скрушениот и попустлив дел на душата, (сметајќи го) како некое ниско место. На плашливата душа која нималку не се крепи со доверба кон Бог својствено ѝ е прекумерно да се мачи и да паѓа под тежината на несреќата. Црвите полесно се раѓаат во меко дрво. И жалоста полесно се вкоренува во луѓето со нежна природа. Зарем Јов имал дијамантско срце? Зарем неговата внатрешност била направена од камен? Тој во кратко време изгуби десет деца. Во време на веселба уништена е радоста во неговиот дом со обѕир на тоа дека ѓаволот се урна врз нивната куќа. Тој ја гледа трпезата помешана со крв. Тој ги гледа децата родени во различно време како умираат во ист миг. Тој, меѓутоа, не плаче, не кубе коси, не испушта никаков недоличен глас, туку го изнесува она славно и од сите опевано благодарење: Господ даде, Господ зеде, бидна како што му беше угодно на Господа. Нека биде благословено името Господово (Јов 1,21). Зарем тој е бесчувствителен човек? Дај е тоа возможно? Тој сам за себе вели: Јас плачев за секој угнетен. (Јов 30,25). Дали можеби Јов лажел? Меѓутоа, Вистината сведочи за него, дека покрај сите доблести, тој бил искрен човек. Бидејќи, речено е: Беше човек непорочен, праведен, богобојазлив и вистинит (Јов 1,1). Меѓутоа ти се јадосуваш со песните кои се направени заради плачење и настојуваш со жалосни напеви да ја мачиш својата душа? Делото на драматургот е промена на сцената и облеката на актерите кои се појавуваат на сцената. И ти мислиш дека оној што плаче има соодветен изглед, на пр. црна облека и неисчешлана коса, па во неговиот дом да има мрак, нечистотија, пепел и жалосно лелекање кое треба непрестајно да ја обновува болната рана во душата. Меѓутоа, препушти им го таквото однесување на оние кои немаат надеж (1. Сол. 4,3). Напротив, ти научи дека на оние кои умреле за Христос им е речено: Се сее во распадливост, и станува во нераспадливост, се сее во немоќ, а станува во сила, се сее телото душевно, а станува тело духовно (1. Кор.15.42-44). Зошто плачеш за оној кој заминал да ја промени облеката? Немој да плачеш ни поради себе, сметајќи дека се лишуваш од помошник во животот, со оглед на тоа дека е речено: Подобро е да се надевам на Господа, отколку да се надевам на човек. Немој да жалиш ни поради него, мислејќи дека претрпел несреќа со оглед на тоа што наскоро ќе го разбуди небесната труба и ќе го видиш како стои пред престолот Христов. Според тоа, остави ги малодушните и непристојни извици: „Леле, какво неочекувано зло. Кој можеше да очекува такво нешто. Зарем очекував дека земјата ќе го покрие лицето на најмилите“. При слични зборови, човек треба да се вцрвени, дури и кога друг ги зборува, со оглед на тоа дека и со сеќавањето на минатото и искуствата од сегашноста сме научени на нужноста на природните страдања.
- Со оглед на тоа дека сме воспитани со зборот на благословот, нас нема да нè изненади ни предвремена смрт, ни други неочекувани несреќи. Ќе наведеме еден пример. Да речеме дека сум имал млад син, единствен наследник на имотот, утеха во староста, украс на семејството, цвет меѓу врсниците и потпора на куќата. Меѓутоа смртта неочекувано го покосува во најубавите години. Оној, кој до скоро претставуваше сладок звук и најпријатна глетка за родителските очи, станал земја и прашина. Што да правам? Ќе ја искинам облеката на себе, ќе почнам да се тркалам по земјата, да липам, да се јадосувам и да се покажам пред семејството како дете кое плаче и се тресе под ударите? Или, напротив, нема да се чудам на тоа што се случило со оглед на тоа што ќе обрнам внимание на неизбежноста на случувањето, на неумоливоста на законот на смртта кој подеднакво се простира на сите возрасти и раздвојува сè што е соединето. Според тоа нема да излегувам надвор од паметот, како оној што е погоден од неочекуван удар, бидејќи одамна научив дека и сам сум смртен и дека имав смртно чедо, дека ништо човечко по својата природа не е постојано и дека ништо не останува за навек. Напротив, денес, само по пат на рушевини се покажуваат големините на некогашните дури и големи градови кои беа славни по сјајот на нивните зданија и моќта на своите жители, по знаменитоста на околината, плоштадите и сè останато. Бродот кој повеќепати се спасувал на море, кој безброј пати пловел и превезувал илјадници трговски товари, на крајот пропаѓа поради само еден налет на ветерот. Војските кои многупати ги победувале непријателите во битките, со промена на среќата стануваат тажна глетка. Достигнувајќи голема моќ и подигајќи си себеси и на копно и на море мноштво победнички споменици и собирајќи огромни богатства од плен, цели народи и острови биле или уништени од времето или, паѓајќи во заробеништво, својата слобода ја замениле за ропство. Без разлика кое од големите и неподносливи зла да споменеме од минатиот живот на човечкиот род, ќе најдеме идентични примери. Ги разликуваме тежините според приклонувањето на вагата и го испитуваме златото ги испитуваме со трње во камен. Ние никогаш нема да ја преминеме границата на благоразумноста доколку се сеќаваме на мерата на која ни укажа Господ. Значи, ако некогаш ти се случи нешто непријатно, најпрвин среди го својот разум и немој да се препуштиш на очајувањето. Потоа, олесни си ја сегашноста со надеж за иднината. Оние кои имаат чувствителни очи го одвраќаат погледот од блескави глетки, смирувајќи ги со гледање на цвеќе и зеленило. Ни душата не треба непрестајно да гледа во несреќа, ниту да се препушта на сегашните проблеми. Напротив, таа својот поглед треба да го пренесе кон гледањето на вистинските добра. Доколку твојот живот биде свртен кон Бог, секогаш ќе бидеш во состојба да се радуваш, додека надежта за награда ќе ти ги олесни животните проблеми. Дали си обесчестен? Гледај на славата која на небесата е подготвена за трпењето. Дали претрпи загуба? Подигни го погледот кон небесното богатство и ризницата која ја собираш со добрите дел. Дали си прогонет од татковината? Меѓутоа, твојата татковина е небесниот Ерусалим. Дали си ги изгубил децата? Имаш ангели со кои ќе се веселиш околу престолот Божји и ќе се радуваш со вечна радост.
- Доколку на сегашните неволји се спротивставиш со очекуваното добро, ќе ја сочуваш безгрижноста и смиреноста на душата, на што нѐ повикува и апостолскиот закон. Нека успехот во човечки ствари не создаде неумерена радост во твојата душа и нека доаѓањето на жалоста и тегоба не ја унижи нејзината бодрост и возвишеност. Доколку не си воспитан на тој начин да ги гледаш житејските дела, никогаш нема да живееш без потреси и тегобност. Во кажаното лесно ќе успееш доколку во себе ја имаш заповедта која ти советува секогаш да се радуваш, доколку го избркаш телесното неспокојство и собереш душевна радост, доколку ги надминеш сегашните впечатоци и ја насочиш мислата кон надежта во вечното добро. Бидејќи, и самата претстава на нив е доволна душата да се исполни со веселба и во нашите срца да се всели ангелска радост во Исус Христос, нашиот Господ, кому нека е слава и сила во век и векови. Амин