Да се молиме за братот – тоа е љубов и простување, а да ги повикуваме на помош неговите молитви – тоа е смирение.

Според нашите можности, потребно е и добро да му правиме на својот ближен, па така да ја исполниме заповедта на Господа: „љубете ги непријателите ваши, благословувајте ги оние кои што ве проколнуваат, правете им добро на оние кои што ве мразат, и молете се за оние кои што ве навредуваат и ве гонат“ (Мт. 5, 44).

Затоа, Господ и небесна награда ветува. Не ветува само Царство Небесно, не ветува само утешение и радост, туку и посиновување: „да бидете, вели Он, како синови на вашиот Отец небесен (Мт. 5, 45).

Самиот наш Господ Исус Христос, давајќи ни ја оваа заповед и ветувајќи ни толку големи добра за нејзиното исполнување, и Самиот, давајќи ни пример, го исполнувал сето тоа, за и ние според можностите, да се уподобуваме на Него.

Колку зла претрпел Он од Јудејците за нас грешните? И не само што не се гневел на нив, туку и се молел на Својот Отец, говорејќи: „Отче прости им“ (Лк. 23, 34).

И сите светии чекореле по тој пат, и добиле благодат од Бога, не само да не возвраќаат на злото со зло на оние што ги напаѓаат, туку напротив, тие им правеле добро, се молеле за нив, ги прикривале нивните недостатоци, се радувале за нивното исправување.

И кога тие станувале свесни за своето зло, светиите ги поучувале со љубов и им простувале.

Свети Нил Сорски