Мојата душа Те позна Тебе, Господи, и јас му пишувам на Твојот народ за Твојата милост.
Не тагувајте, народи, оти ви е тешко да живеете. Борете се само против гревот и барајте Го Господа за да ви помогне. И ќе ви помогне, бидејќи Он е милостив и ве љуби.
О, народи! Со солзи ги пишувам овие редови. Мојата душа сака да Го познаете Господа и да ја созерцувате Неговата милост и слава. Јас имам седумдесет и две години. И наскоро треба да умрам. И ви пишувам за милоста Господова, што Господ ми даде да ја познаам преку Светиот Дух. И Светиот Дух ме научи да ги љубам луѓето. О, ќе ве ставам на врвот од планината, за да можете од височина да Го видите кроткото и милостиво лице на Господа, па да се зарадуваат вашите срца. Ви ја кажувам вистината: Јас не знам ништо добро за себеси. И имам многу гревови, но благодатта на Светиот Дух ги избриша. Знам дека на оние што се борат против гревот, Господ не само што им дава простување, туку им ја подарува и благодатта на Светиот Дух, која ја радува душата и ѝ дава длабок и сладок мир.
О, Господи, Ти го љубиш Своето создание. И кој може да ја разбере Твојата љубов, или да се наслади од неа, ако Самиот Ти не го научиш преку Твојот Свет Дух?
Те молам, Господи, прати им ја на Твоите луѓе благодатта на Светиот Дух, за да ја познаат Твојата љубов. Стопли ги ужалените срца на луѓето. Нека Те слават во радост заборавајќи ги земните маки.
Утешителу благ, со солзи Те молам, утеши ги нажалените души на Твоите луѓе. Дај им на народите да го слушнат Твојот сладок глас и зборови: „Ти се простуваат гревовите“. Да, Господи, во Твоја власт е да правиш чуда. И не постои поголемо чудо од тоа да се љуби грешникот во неговиот пад. Светиот е лесно да се љуби: тој е достоен. Да, Господи, услиши ја молитвата на земјата. Сите народи се мачат. Сите живеат во грев. Сите се лишени од Твојата благодат и живеат во темнина.
О, народи и сета земјо, да повикаме кон Бога, и нашата молитва ќе биде услишена. Оти Господ се радува кога луѓето се каат. И сите небесни сили нè чекаат, за и ние да се насладиме од љубовта Божја, и да ја видиме убавината на Неговото Лице.
Свети Силуан Атонски