Обожението е цел и смисла на човековиот живот. Човекот нема друга причина за постоење освен светоста. Денес, во разни филозофии, има многу дискусии за она што луѓето сакаат да бидат: бизнис човек, модерен човек, постмодерен човек, пред-модерен човек… Но, која е целта на тоа што човекот е модерен или постмодерен, ако сите нас нѐ чека смртта која ќе нѐ проголта? Работата е во тоа смртта да биде совладана, а поточно во тоа и се состои обожението. Токму заради тоа Бог го создаде човекот според Својот образ и подобие. Токму заради тоа Бог, после човековиот пад во грев, се грижеше за него и го чекаше неговото враќање. И ние треба да ѝ бидеме благодарни на Мајката Божја, Која ја воздигна човечката природа на таков степен што таа природа можеше не само да Го прими Бога и да Го понесе во Себе, туку и да Го зачне и да Го роди во овој свет. Синот Божји дојде во светот и стана Син Човечки. Он смета дека сме достојни и сака да ни ги врати сите потенцијали кои сме ги изгубиле, но само под услов ние да сакаме да Му се вратиме на Бога.

Ние живееме и ги работиме своите секојдневни работи, ние се каеме. Како што вели Светото Писмо: никој не е без грев, дури и кога би поживеале само еден единствен ден. Да го погледнеме примерот на митарот: митарот имаше многу гревови, но само кога би го имале неговото покајание!?

Ние, значи, го живееме нашиот духовен живот: се бориме, се каеме, ја бараме Божјата милост, се вежбаме во долготрпението. И додека така вежбаме долготрпение, смирение и љубов во подвижничкиот живот, во еден момент нешто почнува да се случува. Како што би кажал свети Исак Сириски: нешто почнува да се случува во нас одненадеж, без наше знаење, без надворешна причина, неочекувано… Почнуваме да зрачиме со радост, ликување и веселие. Збунети, ние изговараме: „Но, тоа не е нешто што дојде од нас!“. Меѓутоа, тоа ни е сепак дадено! Зошто? Затоа што Бог е бескрајно добар. Но, некој ќе рече: „Но, ние тоа не го заслуживме! Ние заслуживме казна!“ И тогаш ќе разбереме зошто свети Исак Сириски кажал дека Бог не е праведен, туку „неправеден“. Како? Еве како: Он да е праведен, Он би нѐ претворил во пепел. И да се потсетиме дека Ава Исак уште кажа дека Бог е страшен не заради Својата моќ, туку заради Својата љубов.

Архимандрит Василиј Гондикакис