Од читањето на Светото Писмо може да се има голема и значајна корист. Тоа е тука за сите, без пречки. И секој кој сака него да го чита, може бргу да се исцели и да добие лек за онаа страст која него го измачува. Ова ќе стане само ако не го отфрли, туку ако го прими со благодарност. И навистина, од сите несреќи кои ја оптоваруваат човечката природа, нема болест ниту душевна ниту телесна, која нема соодветен лек во Светото Писмо.

Затоа ве молам, што почесто да доаѓате во храмот и да го слушате читањето на Светото Писмо. Правете го тоа не само кога сте во храмот, туку и дома земајте ги во рака Светите книги и ревносно наоѓајте во нив корист за себе.

Голема е ползата од нив: прво, од читањето умот се просветува, и душата добива крилја и станува возвишена, бидејќи е озарена од светлоста на Сонцето на вистината. Во тоа време таа се ослободува од нечистотијата на порочните помисли и се насладува со голем мир и спокојство. Колку што телесната храна ги одржува нашите сили, толку и читањето на Светото Писмо ја одржува нашата душа. Тоа е духовна храна, која го зајакнува умот и ја прави душата силна, храбра и мудра, и не ѝ дозволува да запаѓа во неразумни страсти, туку напротив, ѝ  го олеснува полетот доведувајќи ја до самото небо.

Да се грижиме за таквата корист и да почнеме во домот внимателно да го читаме Светото Писмо, и доаѓајќи во црква да не го губиме времето на празни и бескорисни разговори, туку за тоа за што сте дојдени. На тоа насочете го сето ваше внимание и слушајте го она што се чита, за да заминете оттаму со некоја добивка.

Св. Јован Златоуст