Што е животот? Каде е неговиот извор и почеток?

Кои се границите помеѓу живото и неживото? Што е она што го прави вистинскиот живот, кои се неговите својства? Дали животот е минлив облик на тварта или е вечен? Што е безлично во него, а што копнеж по личното? Едно е јасно: во сè што постои е присутна животната сила и стремежот. Таа сила се гаси и распламтува, исчезнува, но и се обновува според некои неискажани, но цврсти внатрешни закони. Животот го уништува животот, но уништувајќи го, го воскреснува и го продолжува. Едноставно, оживотворувана со топлина и светлина, творбата дише со живот. Сè е секогаш исто, но и непрестајно ново. Сè има свој извор и корен, но и своја цел. И едното и другото поминува, но само од перспективата на човечкиот вид, кој е подложен на моментот и на времето, и затоа тој е немоќен да го смести во себе севременското. Моментот на човечкото живеење само ја претчувствува и ја навестува тајната на животот, како што отсјајот во капката вода го навестува сонцето.

Во сета таа тајност и нејасност, а подобро кажано во сета таа непоимливост и неискажливост на тајните на животот, само едно е јасно и очигледно: животот е светиња! Тој е светиња на сите степени од својот развој и во сета своја целосност. Тој е една и единствена светиња проникната со словесност, без обѕир на сета своја разновидност. Таа светиња најдлабоко доаѓа до израз таму каде што животот е свесен самиот за себе: во човекот како најсовршено земно битие.

Човекот, според своето небоземно устројство и смисла, е фокус, светиња над светињите – чудесна светиња на животот. Тој е светиња над светињите и светиња на животот од своето зачнување, па сè до своето упокоение и влегување во таинствената вечност.

Митрополит Амфилохиј Радовиќ