Невозможно е да си ја претставиме Црквата без својството на единството. Откако кај Коринтјаните дошло до разединување: „Јас сум Павлов“, „а јас сум Аполосов“, „јас сум на Кифа“, „јас, пак, Христов“, апостол Павле им рекол: Па зар Христос се раздели? Дали Павле беше распнат за вас? Или во името Павлово се крстивте?“ (1 Кор. 1, 12-13). Без единството на Телото Христово, Коешто не може да се подели, не можат да постојат ни другите својства: светоста, соборноста, апостоличноста. Нема веќе да има Црква, туку само едно разделено човештво – вавилонски градители на кулата.
Црквата е незамислива и без својството на светоста: „Ние не сме ни чуле дека има Дух Свети“ – му рекле на апостол Павле некои ученици од Ефес, коишто се крстиле со Јовановото покајно крштевање (Дела 19, 2-7). Доколку е лишена од она што го претставува изворот, а истовремено и крајната цел на нејзиното постоење, Црквата веќе не би била Црква. Таа не би било Тело Христово, туку некое друго мистично тело, тело лишено од духот, кое би постоело, но сепак би било препуштено на темнината на смртта, сè уште чекајќи ја својата конечна судбина; такво е мистичното тело на Израилот, кое не го познало исполнувањето на ветеното од Светиот Дух.
Црквата, исто така, не може да се лиши ниту од своето апостолско својство, без притоа да се изгубат нејзините други својства, па и самата таа како конкретна историска реалност. Што би била Црквата без божествената власт, дарувана на апостолите од Воскреснатиот Богоочовек (Јован 20, 22-23) и пренесувана на нивните наследници до ден-денес? Таа би била, од една страна, призрак на „небесната црква“, бестелесна, апстрактна и непотребна, а од друга страна, таа би претставувала множество секти кои се обидуваат да го возобноват „евангелскиот дух“ надвор од секоја објективност, и кои се осудени на произволноста на своето „слободно истражување“, на своите неконтролирани и неодредени духовни состојби.
Ако единството на Црквата е засновано на тоа дека таа е Тело, чија Глава е Христос (Ефес. 1, 23), ако нејзината светост е полнота на Оној Кој исполнува сè во сè, односно на Светиот Дух; ако нејзиното апостолско својство се состои во силата на истиот оној Дух, Кого Христос им го дарувал на апостолите, дувнувајќи во нив (Јн. 20, 22) и Кој се пренесува на нивните наследници, тогаш потценувајќи го или менувајќи го некое од тие три својства, ние ја менуваме самата суштина на Црквата.
Владимир Лоски