Дозволи ми да те прашам, мој возљубен христијански брате, чии жалби и поплаки често одекнуваат по небото и земјата. Што толку те растажува? Дали волјата или пак намерата на човекот кој сака да ти нанесе болка, или само неговата власт и можноста да ја оствари својата замисла, или и едното и другото? Ти одговараш: „Ме растажува и едното и другото, и двете заедно“. Како одговор ќе ти кажам: дека ни злонамерната волја, ниту нејзиното исполнување не можат да ти нанесат бол: злата намера е ништовна без власта и не може да ти нанесе никаква штета, а нејзиното исполнување зависи од допуштањето, односно од Божјата волја, која е праведна и света.

Познато ти е дека секоја власт е од Бога. Зошто тогаш тагуваш и се жалиш на оној кој ти нанесува бол, кога тој не направил ништо друго освен она што Бог му го дозволил? Во спротивно, без Божјо допуштање, тој не би можел ништо да ти направи. Велиш: „Мојот противник ми ја нанесе најголемата навреда“. Па кажи, каква? Оти Бог или те казнува за твоите гревови, или те учи на трпение, или ја зголемува твојата награда за невино претрпената болка, а ти се сметаш за навреден!

„Го мразам тој лукав човек и неговата злобна волја“ – ќе речеш. Но, ти секогаш обрнуваш внимание на делата на другите луѓе, а јас ти советувам дека е подобро својот поглед да го свртиш кон Бога и кон својата совест. Што можела да ти направи човечката волја, па дури и да била зла и нечесна? Во што е нејзиниот успех? Ти не се жалиш толку на тоа што твојот противник сакал да ти наштети, колку заради тоа што всушност можел и ти наштетил! Од каде тоа потекнува, и зошто тој може да ти наштети? Нели е тоа по Божја власт и волја? Ако е така, тогаш тоа е секогаш праведно, достојно за пофалба и свето.

Значи, или замолчи, или обрати ги своите поплаки кон Божјото допуштение и цврсто запечати си во својата душа, дека Бог никогаш не би дозволил туѓа и зла волја да ти нанесе било какво зло, кое не би ти послужило на корист, доколку ти самиот на себеси не решиш да си наштетиш.

Св. Јован Тоболски