Пасха! Господова Пасха! Таа е во нас празник над празниците и торжество над торжествата. Таа ги надминува сите торжества, не само човечки и земни, но и сите други со Христовиот живот поврзани, исто како што сонцето ги надминува ѕвездите.
Вчера кај нас сè сјаеше и блескаше во прекрасна светлина, со која ние ги исполнивме и своите чесни домови, и општествените места. Луѓето од секаква возраст и секоја положба обилно и штедро ја осветлија ноќта како символ на големата светлина, која небото ја разлева над целиот свет.
Меѓутоа, попрекрасна и поблескава е сегашната светозарност, зашто вчерашната светлина беше претеча на големата и воскресенатата светлина, како некаква претпразнична веселба. Сега, повторно, го чувствуваме самото Воскресение, кое уште е неочекувано, но кое веќе во мир е извршено за целиот свет.
Таков е празникот, кој ти сега го празнуваш! Таква е веселбата, која ти ја предлага Оној Кој заради тебе се роди на денот на Своето раѓање, и Оној Кој заради тебе пострада на денот на Своето погребение. Такво е за тебе таинството на Пасхата. Тоа го пропишал законот, тоа го извршил Христос – рушителот на словото на законот, исполнителот на духот.
Со Своите страдања, Он нè учи како да страдаме, а со Своето прославување ни дава можност како да се прославиме и ние со Него. Ако Нему Му се уподобуваме – ние ќе се ослободиме од гревот, од ропството во Египет: огнен столб и ден и ноќ ќе нè води во животот, пустината ќе стане плодородна, морето ќе се раздели, фараонот ќе биде потопен, ќе паѓа манна, каменот ќе даде вода, Амалик ќе биде победен, крстот ќе восторжествува!
Свети Григориј Богослов