Со падот на човекот, смртта дури и во природата добила лошо и трагично значење. Самата природа е затруена со фаталниот отров на распаѓањето на човекот. Кога станува збор за бесловесните животни, смртта едноставно е прекин на индивидуалната егзистенција. Во човековиот свет, смртта удира врз личноста, а личноста е нешто многу повеќе од индивидуа. Телото е тоа што преку гревот станува пропадливо и подложно на смртта. Само телото може да се распадне. Но не само телото е тоа што умира, туку и целосниот човек, зашто човекот изворно е составен од тело и душа. Ни душата ни телото, сами по себе, не претставуваат човек, бидејќи телото без душа е леш, а душата без тело е сениште. Човекот не е „бестелесно сениште“, и не е едноставно заробен во затворот на телото. Навистина се работи за тајна – единството на душата и на телото, и непосредната човекова свесност, ни сведочат за органската целовитост на неговата психофизичка структура. Оваа органска целовитост на човековиот состав, уште од самиот почеток, силно била нагласувана од страна на сите христијански учители. Затоа, раздвојувањето на душата и телото претставува смрт на самиот човек, прекин на неговата егзистенција, на неговата целовитост, т.е. на неговото постоење.

Следствено, смртта и пропадливоста на телото се, на свој начин, исчезнување на „образот Божји“ во човекот. Св. Јован Дамаскин во една од своите химни вели: „Плачам и тажам кога ќе помислам на смртта и кога ќе ја видам во гробовите нашата красота – создадена според образот Божји – како лежи без облик, без слава, без изглед“. Св. Јован тука не зборува само за човековото тело, туку и за самиот човек. „Според образот Божји создадената красота“ – не е само телото, туку целиот човек. Тој навистина е „икона на неизмерната слава“ Божја, дури и кога е ранет со гревот. Во смртта се покажува дека човекот, таа „словесна статуа“ вообличена од Бога, не е ништо друго туку леш. Човекот не е ништо друго освен суви коски, смрдеа и храна за црвите. Ова е загатката и тајната на смртта.

Смртта навистина е тајна: зашто, душата насилно е откорната од телото и со божествената волја е одвоена од природната врска и складот… О чудо! Зошто сме предадени на пропадливост, зошто сме венчани со смртта?

Во стравот од смртта, често безначаен и кукавички, ни е откриен еден мудар метафизички аларм, а не само грешна приврзаност спрема земното тело. Во стравот од смртта е објавен патосот на човечката целовитост. Отците честопати, во единството на телото и душата гледале аналогија на неделивото единство на двете природи во единствената ипостас Христова. Аналогијата може да одведе на крив пат. Но, сè уште може да се зборува преку аналогија за човекот како битие со „една ипостас во две природи“. А во смртта, оваа една човечка ипостас е разорена. Оттука е и оправдувањето за тагата и за плачот. Теророт на смртта е отфрлен единствено во надежта за воскресение и за вечен живот.

Протоереј Георгиј Флоровски