Помислувам на Божествениот Дух, втиснувајќи траги

и скриени убавини, секогаш кон светлината насочени.

Ги положувам во основата на животот Божјите заповеди,

за помошник, сопатник и водич да Го имам Христа,

со лесни надежи одовде да се вознесам,

да се здобијам со чист и бескраен живот,

и да видам не само слаби отсјаи на вистината,

како во огледало и како во вода,

туку со чисти очи, самата вистина да ја согледам,

во која Троица е почеток и крај, едно Божество,

една светлост, во три исти Божји одблесоци.

 

Цару мој, Христе! Тебе прв со усниве ќе Ти се обратам,

уште пред да земам воздух со зборот што долго го задржував:

Ако ми е дозволено, непорочен дар на чиста жртва

кон Тебе излевам, од својот ум, преку ова слово.

Светлост на Отецот, Логос на великиот Ум, Кој секој збор го надминува,

најголема Светлино на најголемата Светлост, Единороден Сине,

Икона на Бесмртниот Отец и печат на Беспочетниот,

Кој блескаш заедно со големиот Дух, добар Цару,

Управителу на светот, Дарителу на животот, Создателу

на сѐ што е, и што ќе биде. Со Тебе живее целото создание.

Заради Тебе и јас живеам, заради Тебе зборувам, заради Тебе сум словесна жртва.

Заради Тебе го воздржував јазикот, заради Тебе го ослободувам зборот;

но, Те молам: направи и едното и другото да биде свето.

 

Кон Тебе, Блажени, го насочувам својот поглед; кон Тебе помош моја,

Седржителу, Нероден, Почеток и Отец на Почетокот –

Бесмртен Сину, велика Светлино, еднаков на Отецот –

Оној, Кој е од Едниот и во Едниот!

Тебе Сине Божји, Премудрост, Цару, Слово, Вистино,

Лик на Прволикот, природо еднаква на Родителот,

Пастиру, Јагне и Жртво, Боже, Човеку и Архиереју!

Тебе, Духу, Кој си од Отецот, Светлино на нашиот Ум,

Кој доаѓаш чист и го правиш човекот бог!

Смилувај се над мене, сега и во следниве години,

и таму, кога ќе се соединам со сецелиот Бог,

радосно да Те фалам со непрекинато песнопеење.

 

Свети Гргигориј Богослов