Дојди, Светлино вистинска;

дојди, Животе вечен;

дојди, тајно скриена, дојди, ризницо безимена;

дојди, дејност неискажлива;

дојди, Лице несознатливо;

дојди, радост непрестајна!

Дојди, Светлино незалезна;

дојди, надеж што сака да ги спаси сите.

Дојди, воскресение на мртвите;

дојди, о Семоќен, Кој исполнуваш, преобразуваш и менуваш сѐ, со единствената Своја волја;

дојди, Ти Кој си Невидлив, Недопирлив, Недофатлив.

Дојди, Ти Кој секогаш остануваш неподвижен и Кој во секое време се движиш и доаѓаш при нас, кои лежиме во пеколот.

Ти си повисоко од небесата.

Никој не би умеел да каже кое е Твоето толку посакувано и постојано прославувано име.

Никој не може да знае како постоиш, од кој род или вид, зашто е тоа невозможно.

Дојди, венецу што никогаш не венееш.

Дојди, Ти Кого мојата бедна душа Го љуби и Го љубела!

Ти Самиот дојди, при мене осамениот.

Дојди Ти, Кој ме одвои од сите и ме направи осаменик на светов и Кој стана моја желба,

Кој сакаше да Те љубам, Тебе, апсолутно Недостапниот.

Дојди Ти, Кој си дишење и живот мој, Кој си утеха на моето скрушено срце.

Свети Симеон Нов Богослов