Споредувај ја твојата душа со животот Христов и ако забележиш нешто одвратно во неа, на секој начин обиди се да ја поправиш и исправиш. Ако правиш така, те уверувам дека од ден на ден ќе бидеш подобар. Бидејќи е невозможно да не се исправи оној што честопати гледа во ваквото чисто огледало.
Навистина, Христос мора да го следи секој што сака да биде со Него во вечниот живот. Оној што сака во идниот живот да биде соучесник на Христос во славата, мора уште во сегашниот Нему да Му биде сообразен. Не залудно Христос рекол: „Ви дадов пример и вие да го правите истото како што ви направив Јас… И кој нема да го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Јн. 13, 15; Мат. 10, 38).
Размислувај усрдно околу овие зборови и самиот ќе разбереш и признаеш дека оној што сака да се спаси и да влезе во вечното царство Христово, ќе мора да Го следи Христа. Кој сака да Го следи во вечниот живот и да оди по Христовиот пат, кој сака да Го следи во Неговото вечно Небесно царство, тој треба со вера и љубов да Го следи Христа и во овој живот. Друг пат за таму нема.
Забележи што вели Христос: „Моите овци го слушаат Мојот глас, и јас нив ги познавам, и тие врват по Мене и Јас им давам живот вечен“ (Јован 10, 27-28). Под зборот „овци“ се подразбираат вистинските христијани кои се покоруваат на Христовото учење и живеат онака како што Тој учи, и Го следат со вера, со смирение, со љубов и трпение и така Тој ги воведува во вечниот живот, како Негови следбеници. Следствено на тоа, не се овци Христови оние кои не го слушаат Неговиот глас, или Неговото свето учење и кои Него не Го следат, па затоа и нема да заминат со Него во вечниот живот. Ова, христијанину, е страшно, но е вистинско. Самиот размисли околу овие зборови Христови и ќе признаеш дека е така.
Почитуван христијанину, ти треба да одиш по безопасниот пат ако сакаш без сомнение да заминеш во вечниот живот. А, кој е тој безопасен пат? Да живееш во овој свет по примерот на животот Христов. Затоа, живеј така, и ќе се спасиш.
Свети Тихон Задонски