Секоја година во првата сабота од Великиот пост, Светата црква го празнува празникот на Св. Теодор. Според востановената традиција низ годините, овој празник е посветен на свети Теодор Тирон и на неговото чудесно јавување на цариградскиот архиепископ Евдоксиј, во времето на императорот Јулијан Отстапник (332-363).
Историјата за ова чудо е добро позната. Царот Јулијан е познат по обидот да ги обнови паганските култови и да го уништи христијанството за време на неговото владеење (355-361 – како Цезар и 361-363 – како Август). За таа цел, тој презел голем број на правни мерки, вклучително и прогон на христијаните. Императорот, исто така е познат и по неговото исмејување на христијанството, а тоа е очигледно од неколкуте негови преживеани дела, особено од неговите сатири „Цезарите и Мисопогон“, како и од до нас пристигнатите фрагменти од неговата книга „Против Галилејците“. Под терминот „Галилејци“, тој ги има предвид христијаните. Тој самиот, Христос со потсмев го нарекува „Галилеец“, а христијанските храмови – „костурници“, поради светите мошти кои се чуваат во нив. Како дел од својата политика против христијаните, за време на Великиот пост тој решил да си поигра со нив, така што тајно наредил сета посна храна на пазарот да се посипа со идолопоклоничка крв. Неговата цел била тогаш да ги прогласи сите христијани за пагани, иако тие несвесно би ја јаделе оваа храна.
Меѓутоа, св. Теодор Тирон, по Божја промисла, го осуетил овој план. Тој го предупредува цариградскиот архиепископ Евдоксиј, кој ги презел неопходните мерки, и на тој начин планот на царот пропаднал. Во знак на сеќавање на овој настан и во знак на благодарност за Божјата интервенција преку свети Теодор Тирон, Црквата одредила во првата сабота од Великиот пост да се споменува чудото што го направил светителот. Споменот на свети Теодор Тирон се празнува на 17 февруари, кога е денот на неговото мачеништво.
Впрочем, мораме да забележиме дека покрај веќе востановената традиција, според која на овој ден се празнува „чудото со коливото“, Црквата исто така наложува и Тодорица да се празнува непосредно пред Неделата на православието, во знак на сеќавање на делото на светата императорка Теодора II (842-856), сопруга на иконоборечкиот император Теофил и мајка на императорот Михаил III, бидејќи благодарение на неа е обновено иконопочитувањето. Не случајно, следниот ден, во првата недела од Великиот пост, се чествува Неделата на победата, посветена на сите поборници за чистотата на Православието. Самиот празник е востановен во 843 година од света Теодора II, за време на нејзиното регентство, со што конечно се ставило крај на иконоборството, а приврзаниците на оваа ерес биле анатемисани.
Венцислав Каравалчев