Нашето започна како мое раѓање од твоето тивко страдање.

Ме роди како мајка што сфатила дека е родилка

Дури откако се породила.

Те слушав како издишуваш полека

Уште пред да се родам, Езеро.

Ги гледав како се бунат и маршираат твоите бранови

Во матката,

Како војници што јуришаат во нов живот

За да умрат на твојот брег, напуштени и разбиени како поразена војска,

Токму онаму каде што животот започнува.

Сѐ е во тебе скриено и тајно, крупна капко,

Како што моите корења во тиња и мил се скриени сега.

И секое кревање на твоите води,

Е како воздивнување на болни гради:

Топол ветар од твојата утроба,

Каде што сум роден.

И со нив почна мојата агонија, мојот извесен крај.

Сега сум призрак, сеништен знак на твојот нов живот,

А ти се смешкаш дури се мрешкаш.

Ни ветер, ни оган, ни мраз не те страши.

Како можеш својата смрт да ја видиш како нов живот?

Што е за тебе една воздишка,

Кога знаеш дека уште милиони други се редат,

Пред да го поздрават твојот последен здив?

И секоја е тешка како камен

Што пропаѓа во гнилата мил.

Твоите бели дробови,

Мои црни гробови.

Нашето започна како искра надеж

Од голема страст,

А ќе заврши како пламен лажен,

Од премалку љубов.

Ќе те чекам, оди ти…

Ништо нема повеќе време за чекање

Од смртта.

Јас се напив веќе од твојата

Мртва вода.

Ќе се голтнеш и ти себеси еден ден,

Во една отровна голтка.