ДРВО И ДЕТЕ

Оваа земја беше моја
Долго пред да стане твоја,
Гологлаво дете,
И во неа се закопани сите надежи
И копнежи,
Со коските на твоите предци
И секоја ѕвезда на ова несреќно небо,
Си имаше своја гранка
На која спиеше мирно
Додека во ноќта се раѓаа
Со врисок и плач,
Твоите мајки, и мајките на твоите татковци.
Голожедица беше отсекогаш
Ова колнато парче тло,
И јата прокудени
Слетуваа да починат во мојот лад,
Залутани при долгата потрага
По смртната вода.
Летата и тогаш беа како под сач,
Нималку благи, строги како и зимите.
Нејзе и’ подарив сѐ што имав,
Троа паднати лисја,
Малку отповеќе солзи
И крв од мојата стрв
За живот.
Одамна ме нема на ова место,
Ветрот само застанува да одмори тука
Среде ова безвоздушје
Во кое некогаш бев роден со придушен плач
Од семе што ‘рти во мракот.
Ти си сега тука
И ја бараш својата мајка
Родена во таква ноќ
И го чекаш нејзиниот глас
Како те спомнува средполе.
,,Детето не е јадено и сонцето е веќе високо.
Да го наранам, сигурно е и жедно”
А работата не чека.
Задоено си под такво дрво,
И цицаше млеко со смоковите,
Обвиткано околу мајчината дојка
И не ја испушташе до последната капка,
Додека со погледот шараше
По небесната смоква.
Сега си повторно гладно,
Но нема кој да те надои.
Не доаѓај при мене.
Имам само отрови насобрани
Од мачни смрти и крв заклана.
На душите стравот врзан в крпче,
Како грутка земја.
Заборави го местово
И не навраќај повеќе,
Оти ако се сетиш на животот пред тебе,
Никогаш нема да го најдеш својот спас,
Никогаш нема да го најдеш својот глас,
Никогаш нема да дојде твојот час,
Никогаш нема да…
Никогаш нема да се родиш како дете.

Трајче Бјадов