Особената појава на божествената сила ги разбудила апостолите. Гледајќи ја неискажливата слава на Господа Исуса Христа, Неговото лице кое сјаело како сонце, Неговата облека која блескала како снег, двајцата мажи кои престојувале во таа слава и разговарале со Него, просто ги стаписала и ужаснала апостолите.

По откровение на Светиот Дух, тие веднаш ги препознале Мојсеј и Илија и веднаш сфатиле дека тие говорат за доброволните страдања на Исуса Христа; наслушувајќи за што се зборува, апостолите стоеле во страв и трепет, насладувајќи се истовремено на божествената слава колку што тоа било можно за нивните телесни очи. И Самиот Господ им ја открил Својата слава до оној степен колку што земниот човек може да ја види, а притоа да не биде лишен од видот: за смртниот човек е недостапно созерцанието на невидливото и бесмртно Божество. Мојсеј еднаш Го молел Господа да му ја открие Својата божествена слава лице в лице, на што Господ одговорил: „Не може човек да го види лицето Мое и да остане жив“ (Исход 33, 20).

Кога разговорот на Христос со Мојсеј и Илија се приближувал кон крајот, апостолите, по вдахновение на Светиот Дух, дознале за нивното идно заминување. Апостол Петар бил скршен од тага бидејќи пророците сакале да се сокријат од нивните очи: тој би сакал непрестајно да се насладува на прекрасното созерцание на славата Христова и на чесните пророци; исполнувајќи се со смелост, тој рекол: „Учителе, добро ни е да бидеме тука; да направиме три сеници: едната за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија“ (Лука 9, 33).

При овие зборови на апостол Петар, светлиот облак, кој ги претставил пред Христа двајцата пророци, ги засенил апостолите заобиколувајќи го врвот на планината, за по Божја заповед повторно да ги земе пророците и секој од нив да го однесе на своето место; апостолите уште повеќе се исплашиле кога, приближувајќи се кон Христа, влегле во самиот облак и го слушнале гласот што зборува од него: „Ова е Мојот возљубен Син: Него послушајте го“ (Лука 9, 35).

Апостолите, на овие зборови одозгора, обземени од голем ужас, го загубиле присуството на духот и во голем страв паднале ничкум на земјата. Кога паднале на земја, славата Господова која се распространувала се сокрила од нив, а заедно со неа и самите пророци. Господ им пришол на учениците кои биле легнати на земјата, велејќи им: Станете, не плашете се! Кога ги подигнале очите, апостолите не виделе никиго, освен Господа Исуса Христа.

Почнало да се разденува и тие тргнале да се симнуваат од планината; по патот Господ им заповедал никому да не кажуваат за видението, сѐ додека Тој, по страдањето и смртта, не воскресне на третиот ден од гробот. Затоа тие замолкнале и никому во тоа време не му раскажале за она што биле удостоени да го видат со сопствените очи.

св. Димитриј Ростовски