Затворени се дверите на чувствата: јазикот безмолствува, очите се затворени, слухот не восприема ништо што е надвор од мене. Умот, облечен во молитва, оставајќи го бремето на земните помисли, се симнува во срцето – ќелија. Ќелијните двери се затворени, насекаде е темнина, непрониклив мрак. И умот, во недоумица, почнува со молитва да чука на дверите од срцето. Стои трпеливо пред дверите, чука, чека, и повторно чука, и пак чека, и пак се моли. Нема никаков одговор, не се слуша никаков глас! Мртвата тишина и мракот одговараат со гробен молк. Умот, ожалостен, се оддалечува од дверите на срцето, и во горчлив плач ја бара утехата. Во светилиштето на внатрешната ќелија, не му беше дозволено да застане пред Царот на царевите.

Зошто… заради што си отфрлен?

Врз мене е печатот на гревот. Навиката да размислувам за земното ме привлекува. Немоќен сум оти Духот не ми доаѓа на помош, Духот Пресвет и Преблаг, Кој го воспоставува соединувањето на умот, срцето и телото – разединети од страшниот пад на човекот. Без семоќната творечка помош на Духот, моите усилби, самите по себе, се залудни! Тој е многумилостив, бесконечно човекољубив, но нечистотата моја не Му дозволува да ми пријде.

Ќе се измијам со солзи, ќе се очистам со исповедање на моите гревови, нема да му дадам на телото мое храна и сон, од чиешто изобилство душата се дебелее; целиот облечен во плачот на покајанието, ќе слезам до дверите на моето срце. Таму ќе застанам или ќе седнам, како евангелскиот слепец, ќе ги поднесувам тежината, унинието на мракот, ќе повикувам кон Силниот да ме помилува: Помилуј ме! (Марко 10, 48).

И умот слезе, и застана, и почна во плач да повикува. Се уподоби на слепец, кој не ја гледа вистинската, незалезна Светлина; на глув и нем, кој не може да говори, ниту да слуша нешто духовно. Чувствуваше дека тој – таков, слеп, глув и нем, стои пред портите на срцето – Ерихон, што е живеалиште на гревови, очекувајќи исцелување од Спасителот Кого не Го гледа, Кого не Го слуша, и кон Кого повикува од својата бедна состојба. Тој не Му Го знае името, Синот Божји Го нарекува син Давидов, оти плотта и крвта не можат да Го почитуваат Бога како Бог.

Покажете ми го патот по кој ќе врви Спасителот. Тој пат е молитвата, како што од името на Бога и преку Духот Божји, Пророкот на човекот му објави: „Кој принесува жртва благодарствена, тој Ме прославува, и кој го следи Мојот пат, нему ќе му го соопштам Божјото спасение“ (Пс. 49, 23).

Кажете ми, во кој час ќе помине Спасителот? Наутро, напладне или приквечер? Бдејте и молете се, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ (Мат. 24, 42; Марко 13, 33).

Патот е познат, но часот не е одреден! Ќе излезам надвор од градот, ќе застанам или ќе седнам пред портите на Ерихон, како што советува светиот Павле: „И така, пред Него да излеземе надвор од живеалиштето, носејќи ја Неговата поруга“ (Евр. 13, 13). Светот минува, во него сè е непостојано: тој дури не е наречен ни град, туку живеалиште. Ќе ја напуштам страсната приврзаност кон богаството, што неволно се остава при смртта, а често и пред неа; ќе ги оставам почестите и славата распадлива; ќе ги оставам чувствените наслади што ги одземаат способностите за подвигот телесен и духовен. „Бидејќи овде немаме постојанен град, туку го бараме оној, што ќе дојде“ (Евр. 13, 14), оној што по милоста и благодатта на мојот Бог и Спасител, претходно треба во моето срце да се открие. Оној што, за време на земниот живот, со духот нема да влезе во таинствениот Ерусалим, тој ниту по исходот на душата од телото нема да биде сигурен дека ќе му биде дозволен влез во Небесниот Ерусалим. Првото служи како залог за второто. Амин!

Свети Игнатиј Брјанчанинов