ШЕЌЕРНА ПЕСНА

Сè уште го паметам
вкусот на шеќерот што баба ми
го ронеше врз парчето леб.
Секое зрно беше зрно – љубов
насмевка и спокој.
Го паметам белиот шеќер
од детството ми со грст вода наросен
за да не се распрска под ноздрите
и растури некаде.
Белата блажина на баба ми
беше моја бела насмевка
време срцето да одмори од долгото играње.
Ја паметам растреперената рака
на баба ми која толку вешто
играше со шеќерот
небаре го прави најубавиот колач на светот
Тогаш имавме и кога немавме
Денес само го паметам
вкусот на шеќерот што таа
го ронеше врз парчето леб
и раскажувам за да потсетам
дека и кога немаше, имаше сè.