СИ ВЕТИВ

Си ветив дека ќе го слегнам огнот од небо
и смирам линијата на морската шир.
Ќе ги соберам ѕвездите в торба
и исправам свитканите дрвја.

Ветив дека ќе газам полека по земјата
и сокријам лицето од молскавици.
Облаците ќе ги разбуткам некаде удолу
и отворам видици.

Ќе поставам три стожери-пркосници
што ќе му се кикотат на денот
и кријат во ноќта низ сенките одминувачи.
Си ветив дека ќе посадам мир
извикан низ ехото на тешките планини
и низ секоја гранка ќе протнам сонце
Птиците ќе ги пратам во летот
седејќи под раскошните крилја…

Си ветив дека ќе испратам порои
да ми го исчистат просторот
и наместат за ново битисување
си ветив Сега ги полнам едрата…

Вања Изова Велева