Ако одам еден ден
од зелените полјани на сонот
нека не завиваат по мене пците
Кажете им дека е сеедно
дали постојам тука
или во некоја нова
материја на духот
Ако си одам еден ден
од ѕвездените потоци на здивот
нека не тагуваат по мене пците
смирете ги со скрбна утеха
дека е сосема сеедно
дали душата ќе ми замери
тука или во седма димензија
Ако си одам еден ден
од празните одаи на веков
Нека не цимолат по мене пците
Стишете ги скромна кроткост
оти навистина е сеедно
дали болката ќе ја одминам
пред или зад летот на времето