„Сами испитувајте се! Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас?

Освен, само ако сте недостојни“ (2. Кор. 13, 5).

 

Оваа ноќ е таинствена. Оваа ноќ е света.

Предвечниот Бог слегува од небесата, за да ја исполни големата тајна на Воплотувањето.

Не само богоизбраниот народ – древниот Израел, туку и стариот грчко-римски свет, како централно собитие во животот на човештвото, со векови го претчувствувал доаѓањето на Месијата од небесата.

Цицерон (106 – 43 пр. Хр.) се повикува на прастарото предание, според кое ќе се појави небесен Избавител, Кој ќе го спаси целиот човечки род.

Хорациј (65 -8 пр. Хр.), во својата песна, расудува:

„Кој е во состојба да нè помири со Небото? Ниту еден смртник, дури ни најправедниот. Само Бог може да го изврши ова големо дело. Нека слезе Тој од небесните височини, гледајќи ги нашите несреќи“.

Сепак, највпечатливо е сведоштвото на Вергилиј (70 – 10 пр. Хр.). Преку Кумејската Сивила – загадочна древна гатачка и пророчица – тој го изрекува претскажувањето:

„Ќе се роди таинствено Дете, Син на Божеството, преку Кого ќе се обнови целото создание. Тој ќе ја убие змијата-ѕвер, ќе го отстрани гревот и ќе донесе мир на целата земја…“

Античкиот свет бил зафатен од длабока криза. (Патем, на многу начини наликува на духовната потрага од нашето време – историските паралели ги истакнуваат сличностите.) Тоа била цивилизација, која почнала да се јаде самата себе. Таа го поставила материјалното над духовното. Тоа бил свет потресуван од слепи страсти – свет на демагогија и измамени толпи, свет на разврат, на омраза и нечовечност. Сепак, во него длабоко бил поставен копнежот по вистинскиот Бог…

И во оваа безнадежна реалност – за време на онаа Велика ноќ на Ориентот – доаѓа Божествената Љубов. Доаѓа тивко и незабележано. Во мирна величественост и торжественост. Не со грдата моќ на оружјето, ниту со минливиот сјај на политичката сила, ниту со продорот на рационалното знаење. Вечниот живот влегува во смртноста на нашиот свет. Вишата реалност се обновува во потокот на релативните и безусловни вредности на човечкиот живот. Фрлен е мостот, кој го поврзува Бога со човекот, повисокото со пониското.

Во вид на невин Младенец, роден од Дева во пештерата крај Витлеем, Бог доаѓа на земјата, повиен и положен во јасли, за да го исполни пророштвото на старозаветните пророци.

Бог се јавува во телото како најобичен Син Човечки. А Неговото учење, најкратко изразено, е: „Љубете се еден со друг, луѓе! Тоа е единствениот пат до вашето спасение!“

Длабокиот пресврт мора да се случи внатре во нас самите – да нè грабне од стихиите на ѕверските нагони, да нè преобрази со силата на љубовта и човечноста, со добрината и духовната хармонија.

„Ако Исус се роди сто пати во Витлеем, а ниту еднаш во тебе самиот, во твоето срце, напразен е твојот живот“ – воскликнува мистикот поет Ангелус Силезијус (1624 – 1677).

А црковниот отец и мислител свети Ефрем Сириски (IV век), со проникливост на источен мудрец пишува:

„Денес е денот на спасението, тој нè учи на мудрост.

Денешната ноќ носи мир и тишина на вселената. Оваа ноќ му припаѓа на Кроткиот. Секој нека ја надмине својата јарост и суровост. Таа (денешната ноќ) му припаѓа на Смирениот. Секој нека си ја заузда гордоста и нека си ја смири својата високомисленост.

Денес блеснал денот на милосрдието. Никој да не го прогонува другиот за да се одмазди за навредата што му е нанесена.

Настапи денот на радоста. Никој нека не причинува болка и тага.

Ова е ден на благоволението. Во него нема место за жестокост и суровост. Овој ден е јасен и без облаци. Секој нека го заузди гневот, што ги нарушува мирот и хармонијата.

Ова е денот кога Бог слезе меѓу грешниците. Нека се засрами праведникот, кој лицемерно се гордее пред грешникот…

Денес, Самото Божество се всели во човечката природа, за и таа да се устреми кон сè што е свето“.

Христос се роди на земјата. Целиот христијански свет го прославува Рождеството на вечниот Бог, а во духовните песни провејува молитвено поклонение не кон некоја непозната Виша Сила, туку кон конкретната историска Личност на Исуса Христа – изворот на двомилениумската титанска духовна енергија во човечките срца.

Бог, Творецот на вселената, се јавува во тело, за да нè научи на најисконскиот и најголемиот закон на животот: „Ова е Мојата заповед, да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив. Никој нема поголема љубов од онаа, да ја положи својата душа за своите пријатели“ (Јован 15, 12-13).

Синот Божји, роден пред сите векови, дојде во нашите животи, во нашата историја, како Син Човечки, за да ни го возвести Своето спасително учење – учењето за љубов кон човекот, за тој да ја потврди својата слобода и своето право на достоен живот во вистината, добрината и убавината.

Проф. д-р Антониј Хубанчев