Браќа, во оваа светлозрачна ноќ, која го соедини блесокот од кандилата со раните зраци на сонцето и го произведе денот непрекинат од меѓупросторна темнина, да размислиме врз пророштвото кое гласи: „Овој ден е што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него!“ (Псал. 117, 24). Делото на овој ден не е тешко и мачно, туку е радост и веселба, доколку така говори Словото Божјо: да се зарадуваме и да се развеселиме во него! О, прекрасно знамение! О, слатка заповед! Кој е волен да задоцни за да се потчини на тие заповеди? Кој нема да смета дека е штетно за себеси ако за долго време ја одбегнува ваквата занимливост? Радоста и веселбата во овој ден се заповед, преку исполнувањето на овие заповеди се уништува пресудата за грев и тагата се претвора во радост. Такво е решението на мудроста: во денот на радоста да се заборават сите зла! Овој ден нѐ принудува да ја заборавиме првата пресуда против нас – или подобро речено: не да заборавиме туку сосема да ја уништиме, зашто тој наполно ја избришал секоја трага од врз нас изнесеното осудување.
Тогаш породувањето се случувало во болки – сега раѓањето се случува без маки; тогаш сме раѓале од плот за да бидеме плотски – роденото пак сега е, дух од дух; тогаш бевме синови човечки – сега сме родени чеда Божји; тогаш сме биле симнати од небото на земјата – сега Воскреснатиот нѐ направи небесни; тогаш преку гревот царувала смртта – сега пак, животот преку оправдание добива власт! Тогаш еден го открил входот за смртта – сега преку Единиот се воведуваме во животот; тогаш преку смртта сме се лишиле од живот – сега смртта се уништува преку животот; тогаш од срам сме се криеле под смоквата – сега облечени во слава, се приближуваме кон дрвото на животот; тогаш за престап сме биле изгонети од рајот – сега преку вера се населуваме во рајот! На оној што милува, повторно за храна му се предлага плодот на животот; одново од рајскиот извор, разделувајќи се на четири евангелски потоци, се напојува целото лице на Црквата, и така ќе се напојат и нашите души кои Сејачот на словото ги преминал со плугот на учењето, и тие изобилно ќе породат плодови од добродетели.
При таа состојба, што е потребно да направиме? Што друго, освен да се слееме со пророчките планини и ридови во нивното ликување, како што е речено: „Горите се разиграа како овни, и ритчињата – како јаганца“ (Псал. 113, 4). И така: елате да се возрадуваме во Господа, Кој ја уништи силата на непријателот и Кој, над паднатиот противник, го воздигна заради нас големото и победоносно знамение – крстот! Да воскликнеме – воскликнувањето е торжествен изблик за победа, откинат од срцата на победниците и упатен над победените. Доколку воинството на нашиот непријател е уништено и самиот тој кој има власт над злобната армија од демони е прогонет, погубен и дури претворен во ништожност, да извикаме и кажеме: „Бог е велик Господар и Цар величествен по целата земја“ (Псал. 94, 3); Он го благословил венецот на времињата според Својата благост и Он нѐ вовел во таа духовна радост преку Христа Исуса, Кому нека биде слава во сите векови – Амин!
Св. Григориј Ниски