Првите единаесет глави од книгата Битие (првата книга од Библијата), немаат историски карактер во вистинската смисла на зборот. Дури од дванаесеттата глава, со расказот за ветувањата што Бог му ги дал на Авраама, ние навистина навлегуваме во историјата, односно во настаните кои можат да бидат сместени во времето и во просторот. Бог ветува дека ќе интервенира во животот на луѓето и со оваа заклетва започнува историјата на народот Божји – Израил, која ќе нè одведе до Христа – Царот на Израилот.

Историјата на Авраам започнува мошне неочекувано: „Господ му вели на Авраама: остави ја земјата своја, роднините свои и домот на својот отец, за земјата што јас ќе ти ја покажам. Од тебе ќе направам голем народ, ќе те благословам, во тебе ќе бидат благословени сите народи на земјата“ (Битие 12, 2 и 3). Добивајќи ја оваа заповед и ова ветување, Авраам не се поколеба; тој заминува со својата жена Сара, со внукот Лот и со сите свои стада. Ја напушта својата земја, својата безбедност и се отвора кон новата иднина, одредена со даровите Божји. Сиот свој живот, со послушност и безгранична верба во Бога, тој го засновува врз овие зборови.

Уште од овој прв расказ, ја откриваме верата на Авраам, вера која служи како пример, која е дар од Бога и која е прифаќање на тој дар. Вера, која е слободна и која ослободува, која вклучува соработка во делото Божјо, која е едно „да“ без колебање. Оваа вера е од истата природа како и верата на Мајката Божја, како и верата на секој христијанин: и таа ја прима посетата на Бога. Освен тоа, во позивот Божји и во одговорот на Авраам има една фамилијарност полна со меѓусебна љубов. Бог зборува. По име ги вика оние што ги избира и од нив очекува одговор. Својот живот Израилот ќе го живее како разговор меѓу Бога и човекот. Тоа е однос на една личност кон друга, во последователност од конкретни настани кои ќе се одвиваат како обична историја.

Бог не престанува да дејствува, а ние читајќи ја Библијата тоа го чувствуваме. Зарем ваквото дејство не е еден аспект од она што Светото Писмо го нарекува Слава Божја?

Авраам, значи, тргнува на пат за земјата Хананска и, од „логор во логор“, ги обиколува Негев, Египет, повторно се враќа во Негев и неуморно го продолжува својот пат, среќавајќи бројни доживувања.

Господ повторно му се обраќа на Авраам, при што му ветува бројно потомство и додава: „Сета оваа земја што ја гледаш, ќе ти ја дадам.“

Подоцна, кога Бог му се обрати по третпат, Авраам одговори: „Господи, што ќе ми дадеш кога јас живеам без деца“. Тогаш Господ му рече: „Подигни ги очите кон небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги изброиш… такво ќе биде твоето потомство“ (Битие 15, 5).

Ветувањето е двојно:

  • наследство: поседување на земјата Хананска;
  • наследник: бројно и благословено потомство.

Авраам и жена му немаа деца, и беа мошне стари, но „Авраам поверува во Бога и Он му го прими тоа за правда“ (Битие15, 6).

Ова го разбираме кога размислуваме за зборовите на свети апостол Павле, во однос на ова прашање: „…Ветувањето дадено на Авраам не делува преку законот, туку преку оправдувањето со посредство на верата… наследството зависи од верата, за таа да биде дар од милоста… верата Авраамова, таткото на сите нас, нашиот татко пред Оној во Кого тој поверувал, Бог Кој им дава живот на мртвите и од ништо создава нешто“ (Римјаните 4, 13-17).

Бог му зборува на Авраам и по четврти пат, ветувајќи му ја не само целата земја Хананска, туку и син од неговата жена Сара; тогаш Авраам имаше околу сто години, а жена му околу деведесет. Мажите и жените не можат да имаат деца кога се толку стари, но Бог сака да го смени текот на историјата:

Овде е поместен мошне таинствениот настан, кој честопати се нарекува „јавувањето кај Мамврискиот даб“ или „гостопримството Авраамово“. Се вели: „Господ му се јави кај Мамврискиот даб, додека напладне седеше пред влезот на шаторот. Кога ги подигна очите, виде три човека кои стоеја пред него… Тој рече: „Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, немој да минуваш крај Твојот слуга без да запреш…“ (Битие 18, 1-15).

Забележувате дека се вели: „Господ му се јави“, потоа, се покажуваат три лица. Кому Авраам му се обрнува, велејќи во еднина „Господи?“ Зар ова не е чудно? Бог… три лица… Еден во три лица…

Расказот продолжува: Сара набрзина зготвува јадење, со кое Авраам со почит ги послужува тројцата патници, а за тоа време таа се крие во шаторот. На оваа репродукција од мозаик, ја гледате како ја подава главата меѓу завесите, и како набљудува и слуша со збунета насмевка.

Тогаш Господ ветува дека, по неколку месеци, Сара ќе добие син; слушајќи ги овие зборови, Сара почнува да се смее. Меѓутоа, ова чудно ветување ќе биде одржано. Голема радост му е дадена на Авраама: Сара, неговата законита жена, станува мајка на еден син – Исак. Исак, пак, ќе добие син, а тоа ќе биде Јаков.

Извадок од Катихизисот „Бог е жив“