Виното никогаш не е лошо – неговата злоупотреба е порочна! И навистина, од виното не се изродуваат погубни пороци, туку од развратната волја. Дека ползата што произлегува од виното се уништува од неумереноста – тоа се докажува од Светото Писмо, кога се зборува за почетокот на употребата на вино веќе по потопот. За да се знае, дека човечката природа, пред употребата на вино, дошла до краен разврат, и извршила многу гревови, кога виното уште не било познато. И така, кога ќе видиш дека пијат вино, не му го припишувај на него сето зло, туку на волјата – развратна и тргната во бесчестие! Човеку, помисли и за тоа: за каква полезна употреба е неопходно виното, и растрепери се. Со негова помош се извршува благодатното таинство на нашето спасение! Не виното, ами пијанството е порочно дело – тоа може да ги отапи чувствата и да го помрачи разумот.

Да се воздржуваме од пијанство! Не велам: да се воздржуваме од вино, туку да се воздржуваме од пијанство! Од виното не произлегува пијанството: зашто виното е Божјо создание, а Божјото создание не причинува ништо лошо, но, порочната волја изродува пијанство. Послушај што зборува Павле за ова: „Не опивајте се со вино, од кое произлегува блудот“ (Ефес. 5, 18). Кусо речено, тој на необичен начин ја изразил целата пресуда против пијанството.

Што значат зборовите: „Не опивајте се со вино, од кое произлегува блудот“. Блудни ги нарекуваме оние млади луѓе, кои, откако ќе добијат наследство од таткото, го растураат веднаш, не размислувајќи кому и кога даваат. Тие, и облеки, и сребро, и злато и целото наследено богатство неразумно го растураат со блудници и развратници. Такво нешто е пијанството – откако ќе завладее со умот на пијаниците, и штом им го плени расудувањето, ги принудува без мерка и без причина да ја растураат целата резерва од мисли и средства.

Пијаниот не знае што треба да зборува и за што треба да молчи – устата му е постојано отворена: нема ни катанец, ниту врата на неговата уста. Пијаниот не умее да ги подредува своите зборови со благоразумие; не умее да го распоредува богатството на своите мисли; не умее едно да задржи, а друго да предложи – сè исфрла, сè губи, во сè греши! Пијанството е доброволна лудост, тоа е порочност на мислите; пијанството е цела несреќа, тоа е достојно за смеа; пијанството е произволно беснеење, тоа е пострашно од умопомрачувањето!

Свети Јован Златоуст