Христос им рече на своите апостоли: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14, 6). Вистинското прашање не е: „Што е вистината?“, Туку поскоро: „Кој е вистината?“ Вистината е личност и има свој образ. Поради тоа, Црквата не само што зборува за вистината, туку и ја покажува: во образот на Исуса Христа.
Зошто Црквата ѝ придава толку големо значење на иконата? Иконата не е обична слика, ниту декорација, па дури ни илустрација на Светото Писмо. Таа е нешто поголемо. Таа е предмет на почитување и е составен дел на богослужението. Црквата гледа во светото изобразување не само како на еден од аспектите на православното учење, туку како целокупен израз на Православието. Иконата, подобно на писмената и усната традиција, е една од пројавите на Светото предание на Црквата и како што ќе видиме во истражувањата, иконата, според учењето на Црквата, целосно соответствува на словото на Светото Писмо. „Она што зборот го соопштува преку звукот, насликаното очигледно го прави преку сликовитиот образ“, вели Св. Василиј Велики. А, Отците на Седмиот вселенски собор ги потврдуваат овие зборови и додаваат дека „преку овие два комплементарни начини се стекнуваме со знаење за една и иста реалност“.
Апсолутно е невозможно да се замисли и најмалата богослужбена последователност во Православната црква без иконата. Литургискиот живот и Светите тајни на Црквата се неразделни од образот… Иконата, со право, честопати се нарекува „теологија во слика“…
Црковната уметност не само што го рефлектира животот на Црквата во неговата сложеност и длабочина, туку е и составен дел од таквиот живот, како што гранката е дел од дрвото. Како предмет на почитување, иконата не е просто предизвикана или вдахновена од богослужението: тие заедно формираат една единствена целина. Иконата го надополнува и објаснува богослужението, додавајќи го нејзиното влијание врз душите на верниците… Затоа, како и сè во Црквата, црковната уметност има двојна димензија: нејзината суштина е непроменлива и вечна, бидејќи ја изразува откриената вистина, додека во исто време таа е бескрајно разнообразна во однос на изразните форми, во зависност од различните времиња и места.
Леонид Успенски