Вистинските сведоштва за Христа се многу. Бог Отецот сведочи со глас од небото за Синот. Сведочи Светиот Дух, Кој слезе врз Него во телесен вид како гулаб (Лука 3, 22). Сведочи архангел Гаврил, кој ѝ благовести на Марија. Сведочи Дева Богородица. Сведочи блаженото место на пастирските јасли. Сведочи Египет, кој го прими Господарот, бидејќи беше уште дете по тело. Сведочи Симеон, кој Го прими во своите прегратки и рече: „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот“ (Лука 2, 29 – 32).

Сведочи за Него и пророчицата Ана, најпобожната воздржница и подвижничка. Сведочи Јован Крстител, најголемиот од пророците, начеловодач на Новиот Завет и по некаков начин поврзувач на двата завета – Стариот и Новиот. Од реките сведочи Јордан, а од морињата, Тиверијадското Море. Сведочат слепите, сведочат хромите, сведочат мртовците кои воскреснаа, сведочат и бесовите, велејќи: „О, што имаш Ти со нас, Исусе Назареецу!… Те знам Кој си Ти, Светец Божји“ (Марко 1, 24). Сведочат ветровите, кои се покоруваат на Неговата заповед и стивнуваат. Сведочат петте лебови, кои се умножиле, за да се нахранат пет илјади души.

Сведочи чесното дрво на светиот Крст, кој сега во нас е видлив и кој веќе ја исполнил целата вселена преку оние, кои примаат делчиња од него со вера. Сведочи и онаа палма во долината, која некогаш им дава гранки на децата што Го восфалија. Сведочи за оние кои ја разбираат Гетсиманија, која некако и досега го посочува Јуда. Сведочи со својата глетка онаа возвишена Голгота. Сведочи гробот на светињата и каменот, кој стои сè досега.

Сведочи сонцето, кое сега блеска, но тогаш, за време на спасителните страданија, потемнело. Сведочи мракот, кој тогаш настанал од шестиот до деветтиот час. Сведочи светата Елеонска планина, од која Он се вознел кон Отецот. Сведочат и дождовните облаци, кои Го примија Владиката и за кои рекол псалмопевецот: „Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти, и ќе влезе Царот на славата!“ (Псал. 23, 7).

Сведочат некогаш поранешните непријатели, во чиј број е и блажениот Павле, кој не долго време непријателствувал, но многу време сведочел. Сведочат дванаесетте апостоли, кои ја проповедале вистината не само со зборови, а ја потврдиле со маки и смрт. Сведочи сенката на Петар, која со Христовото име ги лекувала болестите. Сведочат крпите на Павле, кои исто така, со Христовата сила лекувале. Сведочат Персијците и Готите – сите од незнабошците, кои умираат за Оној, Кого не Го виделе со телесни очи. Сведочат и бесовите, кои и досега се изгонуваат од верните.

Св. Кирил Ерусалимски