Внимавај на себе, свештенику, и на оние кои ќе ги учиш, и гледај внимателно на службата која си примил да ја исполнуваш; бидејќи не ти е доверена земска служба, туку небесна; не човечка, туку ангелска.
Погрижи се себеси да се претставиш пред Господа како непосрамен работник, кој правилно управува со словото на Вистината (1. Тим. 3, 15). Никогаш немој да дојдеш на Собрание имајќи непријателство кон некого, за да не го изгониш Утешителот на денот на Литургијата.
Не суди, не карај се воопшто, прибери се себеси престојувајќи во Црквата, моли се и читај до часот кога треба да го извршиш божественото Тајноводство, и така застани во умиление пред Светиот Жртвеник, не гледајќи лево и десно, туку со страв и трепет стоејќи пред Небесниот Цар. Немој заради угодување на луѓето да брзаш во молитвите, или да ги кратиш, ниту молејќи се да гледаш на лицето на луѓето (Лука 20, 21), туку гледај само на Царот што стои пред Тебе и во Силите Небесни кои наоколу те опкружуваат.
Направи се достоен за Свештените Канони; немој да сослужуваш со оние на кои канонот им забранил. Гледај пред Кого стоиш, како свештенодејствуваш, и на кои ќе им предадеш Света Причест. Гледај да не ја забораваш Христовата заповед и онаа на светите Апостоли: „Светињата – вели – не ја давајте на кучињата, и не си го фрлајте бисерот пред свињите“; „Пазете се од кучињата“, итн. (Мат. 7, 6; Филип. 3, 2). Немој од страв да отстапуваш пред човек. Не предавај го Синот Божји во рацете на недостојни. Немој да се засрамиш од славните на земјата, ниту од оној кој носи круна немој да се плашиш во оној час, кога ќе застанеш да Му служиш на Господа. Гледај како ќе им дадеш на оние кои сакаат Дар да земат во домовите; јас немам ништо во тоа, ти ќе видиш! На достојните, пак, за Божествена Причест дај им бесплатно, како што си добил и ти. На оние на кои Божествените Канони не им дозволуваат, немој да им даваш, бидејќи се сметани за незнабошци, и ако не се повратат, тешко на оние кои им даваат. Внимавај, јас немам ништо со тоа, ти треба да се чуваш! Гледај, глушец или нешто друго да не се допре до Божествените Тајни, ниту од твојата немарност да се навлажнат, или да изгорат, или да се употребат од несвештени и недостојни.
Внимавај како ќе ги употребиш Светињите по завршувањето на Божествената Литургија; немој од брзање да ти падне честичка; гледај да не остане вино во Светиот Путир, па да се извалка. Туку кога обете ќе ги средиш, тогаш замини. Внимавај, ако остане од Светите Дарови, не е дозволено со нив да се причестат други, освен свештениците; а ако не, тогаш има доволно мудри деца, доведи ги и нив да се причестат, и нека останат постејќи до 11 часот. Гледај муви да не паднат во Светиот Путир, или да не слетаат на Артосот; гледај ништо друго да не се допре до Божествените Тајни.
Ова и слично на ова, запазувај! И ќе се спасиш себеси, а и оние кои те слушаат.
Свети Василиј Велики