Внимавај на себе. Со други зборови, немој да внимаваш ни на она што е твое, ни на она што е околу тебе, туку исклучиво само на самиот себе.

Бидејќи, едно сме ние самите, а друго – е она што е наше и она околу нас. Ние сме душа и ум, бидејќи сме создадени по образот на Творецот (Бит. 1, 26). Наши се, пак, телото и сетилата, а околу нас се парите, вештините и другите животни пронајдоци.

Што значат овие зборови? Немој да го пазиш телото, немој да трчаш на сите начини за телесни добра, односно за здравје, убавина, насладувања, уживања и долговечност, немој да се восхитуваш на парите, на славата или господарењето. Немој да го сметаш за големо она што е минливо и привремено, па грижејќи се за него, да го занемариш својот вистински живот. Напротив, внимавај на себе, односно внимавај на својата душа. Неа украсувај ја и за неа грижи се, и со својата грижа да ја пресретнеш секоја нечистотија која ја донесува порокот. Потруди се да ја очистиш од секој гревовен срам и да ја просветлиш со секоја доблесна убавина.

Испитај се самиот себе и познај ја својата природа. Сфати дека твоето тело е смртно, а душата бесмртна, и дека нашиот живот е двоен: првото е својствено на телото и брзо поминува, додека второто е сродно на душата и не дозволува опишување. Заради тоа, внимавај на себе, односно немој да запираш покрај смртното како да е вечно, и немој да го презираш вечното како да е минливо. Занемари го телото кое поминува и грижи се за душата која е бесмртна. Со сета возможна грижа проникни во самиот себе, па и на едното и на другото да им го дадеш она што е неопходно: на телото – храна и облека, а на душата – правилата на побожноста, достојно однесување, подвизување во доблестите и исправување од страстите. Немој да го дебелееш телото, и немој да се трудиш околу плотските неспокојства, бидејќи телото се бори против Духот, а Духот против телото, „тие се еден против друг“ (Гал. 5, 17). Внимавај, здебелувајќи го телото да не му дадеш поголемо господарење на она што е полошо. Ако при мерење на вагата го оптовариш едниот тас, ќе го олесниш другиот што му е спротивен. Слично се случува со телото и со душата: изобилието во едно, нужно ќе предизвика недостиг во друго. Кога телото е во добра состојба и е обременето од здебеленост, умот нужно ќе биде тешко подвижен и слаб за нему својствените дејствија. Меѓутоа, кога душата е добро устроена и со поучување во доброто возвишена до големината која ѝ доликува, неминовно ќе дојде до овенување на телесните стремежи.

Св. Василиј Велики