За да се избориме успешно со страстите, секој од нас треба да ја открие онаа страст, која најмногу му наштетува и против неа главно да ја насочи својата борба, да употреби голема грижа да ги следи сите нејзини пројави и да се труди да ги задуши, против нејзе да ги насочува копјата на секојдневниот пост, секој миг против неа да ги фрла стрелите на своите срдечни офкања и воздишки и постојано да пролева солзи во своите молитви кон Бога, за Он да ја прекрати борбата што го истоштува. Зашто, никој не може да надмине некоја од страстите, додека не се убеди дека не е можно да ја победи само со своите грижи и со својот труд, иако е, се разбира, неопходно потребно и дење и ноќе да се труди и да се грижи околу тоа.

Кога ваквиот борец ќе почувствува дека се ослободил од најсилната своја страст, тогаш со најголемо внимание треба да ги разгледа и најголемите длабочини на своето срце, за да види која е страста, или која од страстите е посилна од другите, за против неа особено да ги насочи сите духовни оружја.

Победувајќи ги на тој начин страстите, кои се посилни од другите, тој тогаш побргу и полесно ќе ги победи и оние, кои во него се послаби.

А кога ќе победиш една или неколку од нив, не треба да се гордееш со својата победа, зашто, во тој случај, откако ќе ја види гордоста на твоето срце, Господ ќе престане да те закрилува и да те брани, и ти, откако ќе те остави, пак ќе почнеш да бидеш измачуван од истите страсти, што пред тоа со Божјата благодатна помош си ги победил.

И светиот пророк Давид не би се молел вака: „Не предавај ја на ѕверовите душата на оние кои се надеваат на Тебе; не заборавај ги засекогаш душите на Твоите сиромаси“ (Псал. 73, 19), кога не би знаел, дека оној што се вознесува во своето срце повторно ќе им биде предаден на страстите што претходно ги победил, и дека е особено потребно токму тогаш да се труди да биде најсмирен.

Свети Јован Касијан