Оние што сакаат да се соединат со Христа, и преку Исуса Христа со Бог Отецот, знаат дека тоа соединување станува во Телото Христово кое е нашата Света православна црква. Тоа соединување не е со Божјата суштина, туку со Христовата обожена човечка природа. Соединувањето со Христос не е само надворешно, ниту просто етичко. Ние не сме следбеници Христови како што луѓето се следбеници на некој философ или на некој учител. Ние сме членови на Телото Христово, т.е. Црквата. Црквата е Тело Христово, вистинско и реално, и ова не е кажано само во етичка смисла како што погрешно пишувале некои теолози не вдлабочувајќи се во духот на светата Црква. И покрај нашата недостојност и гревовност, Христос нѐ прима и нѐ прави Свои сотелесници, односно негови членови. Ние навистина стануваме членови на Телото Христово, како што вели апостол Павле во посланието до Ефесјаните: „ние сме членови на Неговото тело – од Неговата плот и коските Негови“ (Еф. 5, 30).

Соодветно на духовната состојба во која се наоѓаат христијаните, некогаш се живи членови на Телото Христово, а некогаш се мртви. Но и мртвите не престануваат да бидат членови на Телото Христово. Некој, на пример, којшто е крстен, станал член на Телото Христово. Но, ако тој не се исповедува, не се причестува, не живее духовен живот, тогаш е мртов член на Телото Христово. Меѓутоа, кога ќе се покае, веднаш го прима божествениот живот кој го напојува и така станува жив член на Телото Христово. Таквиот не треба повторно да се крсти. Меѓутоа, некрстениот не е член на Телото Христово, па макар и да живее морален живот. Неопходно е тој да се крсти за да стане член на Телото Христово, за да се вотелови во Христос.

Затоа што ние сме членови на Телото Христово, Неговиот живот ни се принесува и станува наш живот. На тој начин се оживотворуваме, се спасуваме и се обожуваме. Не ќе можевме да се обожиме ако Христос не нè направеше членови на Неговото свето тело.

Не ќе можевме да се спасиме доколку не постоеја Светите тајни на нашата Црква коишто прават  да бидеме сотелесници со Христос, т.е. да бидеме едно тело и една крв со Христа.

Колку голем благослов е да се причестуваме со Светите тајни! Христос станува наш, Христовиот живот станува наш, крвта Негова станува наша крв. Затоа свети Јован Златоуст вели дека Бог нема ништо поголемо да му даде на човекот од она што го дава во Светата причест. Ниту човекот, пак, може да бара од Бог нешто повеќе од она што го прима од Христа во Светата причест. На тој начин, крстени, миропомазани, исповедани, се причестуваме со Телото и Крвта Христови и стануваме и ние богови по благодат, се соединуваме со Бога и не сме веќе туѓинци туку стануваме Негови домашни.

Внатре во Црквата, во којашто се соединуваме со Бога, ја живееме таа нова стварност што ја донесе Христос во светот: новото создание. Тоа е животот на Црквата, животот на Христос, којшто станува и наш, како дар на Светиот Дух.

Сите работи во Црквата водат кон обожение. Божествената Литургија, Светите тајни, богослужението, проповедта на Евангелието, постот, сето ова води кон тоа. Црквата е единственото место на обожението. Црквата не е една општествена, културна или историска установа која може да биде слична со други установи во светот. Не е како што се разновидните институции во светот. Светот можеби има убави институции, организации, убави установи и други убави работи. Меѓутоа, нашата Православна Црква е неповторливото, единственото место на општење меѓу Бог и човекот, место на обожувањето на човекот. Единствено во Црквата човекот може да стане бог, никаде на друго место. Ниту на универзитетите, ниту во установите за социјални услуги, ниту во кое било друго убаво и добро нешто што го има светот. Сите тие колку и да се добри, не можат да го понудат она што го нуди Црквата. Затоа, колку и да напредуваат световните институции и системи, не можат никогаш да ја заменат Црквата.

Можно е, ние немоќните и грешни луѓе, да имаме од време на време кризи и тешкотии во Црквата. Можно е да има и соблазни внатре во крилото на Црквата. Сето тоа се случува затоа што ние во Црквата сме на пат кон обожението и е многу нормално да постојат човечки слабости. Ние стануваме, но не сме богови. Меѓутоа, колку и да се случуваат тие работи, ние никогаш нема да избегаме од Црквата, бидејќи во Црквата ја имаме единствената можност да се соединиме со Бог. На пример, кога одиме во храмот на богослужение и можеби таму среќаваме некои што не внимаваат на богослужбата и си зборуваат меѓу себе, така што за момент го одвлекуваат нашето внимание од богослужбата, доаѓа една божем благословена помисла која ни вели: „Каква полза, на крајот од краиштата, имаш од тоа што доаѓаш во Црква? Не ли е подобро да седиш дома, каде што ќе имаш повеќе мир и спокој за да се молиш?“ Меѓутоа, ние треба мудро да ѝ противречиме на оваа лукава помисла: „Да, можеби ќе имам повеќе внатрешен мир во мојот дом, но нема да ја имам Божјата благодат за да ме обожи и освети. Нема да Го имам Христос, Којшто е присутен во Неговата Црква. Нема да го имам Неговото Тело и Неговата чесна Крв, коишто се на Светата трпеза. Нема да учествувам на Тајната вечера на Божествената Литургија. Ќе бидам отсечен од моите браќа во Христа, со кои заедно го сочинуваме Телото Христово“. Така значи, што и да се случи, ние нема да избегаме од Црквата бидејќи единствено во неа го наоѓаме патот кон обожението.

Старец Георгиј Капсанис