Ако не се научиме на она што Црковните отци го нарекле „внатрешно пребивање“, ризикуваме да останеме на површината на христијанскиот живот без да ја сфатиме суштината на патот на кој сме повикани да чекориме.

Во животот секогаш има многу нешта коишто нè плашат или ни предизвикуваат неспокојство, раздразнетост и негодување. Ако човек не умее да се ослободи од сето тоа, ако дозволи околностите да го „совладаат“, нему никогаш нема да му успее да го достигне она длабоко внатрешно спокојство во кое се содржи тајната на христијанскиот живот и тајната на средбата меѓу човекот и Бога. Кога надворешните околности ќе го затскријат она што се случува во длабочината, тогаш на човекот не му остануваат сили да работи на самиот себе, да ја обработува почвата на своето срце.

Огромен број луѓе се преокупирани со толку многу надворешни, понекогаш безначајни околности, што сиот нивен живот се претвора во постојано барање на нешто што очигледно е недостижно. Тие за сето време очекуваат „подобри времиња“, наместо да се насладуваат со сегашниот ден и со сегашниот час – со часот кога се со Господа, зашто Господ секогаш е со нас – тие луѓе живеат во илузија со надеж за подобра иднина. Но животот минува и иднината не успева да настапи, а минатото си заминува… Човекот лази по површината на животот, не успева да се симне во оние длабочини во кои единствено заслужува да се живее животот, длабочини во кои животот ја добива својата првобитна вредност.

Како е можно во наше време, кога темпото на животот е забрзан до крајна граница, кога времето до крајност е компримирано и, како што се чини, лета побрзо одошто во изминатите епохи – како е можно да се зачува духовната рамнотежа, внатрешниот мир? Единствен начин е: спуштање во длабочините – во длабочините на сопствениот внатрешен живот, таму каде што душата го допира Бога.

Протекувањето на времето нѐ плаши кога стоиме во место – пишува Јелчанинов – Треба да се нурнеме во длабочината, во која времето е застанато.

Митрополит Иларион Алфеев