Кога човекот има разбирање за туѓата болка? Тогаш, кога и тој ќе ја почувствува! Кога и самиот ќе помине низ сличен метеж. Тогаш ја осознава и сфаќа маката на другиот. Инаку станува крут и нема сожалување спрема никого, освен ако неговата природа не е блага. Но, она што го имаме по природа не се удостојува ниту на чест, ниту на бесчестие. Во намерата се и успесите и паѓањата. Значи, како да ја научиме оваа наука над секое знаење, ако не нè протресе искушението? Бидејќи кога благодатта отстапува, тогаш не само ти и јас, туку ни светите апостоли ќе беа апостоли. Како може калта, односно глината да ја задржи водата, ако не се испече на оган? Бог сака да нè направи да бидеме такви – како кловнови во театар, или како топка за играње.

Те искачува на небесата. Ти го покажува она што окото на острастениот човек не може да го види, а оној што се грижи за сетилното не може да го слушне. И без да згрешиш може да ја сврти страницата и да те фрли во подземјето. И радосен е ако те види како се бориш со сите демонски полкови. Тогаш, фати се за Павле, а мене остави ме. Кога веќе успеа да се искачиш на третото небо, и кога виде и слушна неискажливи нешта, повторно повикуваш „ми се даде трн во телото…“. Тоа ќе го прави Сесилниот сè дотогаш, додека не му овозможи на човекот да се искачува, да созерцува, да се симнува и да страда. Без да реагира на промените. И двете работи, ти вели, се заради Мене.

Ако не си подготвен да страдаш, немој да бараш ни да се искачуваш. Ако не сакаш да трпиш таги, не барај ни благодат!

Значи, затоа и ти ја зема благодатта – за да станеш мудар. Но, таа повторно ќе се појави. Не те напушта засекогаш! Тоа е Законот Божји. И пак ќе си отиде, но пак и ќе дојде. Сè додека не те усоврши. Доволно е да не престанеш да ја бараш!

Познато е дека кога некој острастен поучува друг, кој страда од страсти, благодатта веднаш се повлекува од првиот, така што и тој паѓа во исти согрешенија.

Острастениот не може да поучува, пред да го стекне практичниот опит. Сепак, не е тоа единствената причина заради која те остави Бог. Благодатта секако ќе се повлечеше во тој временски период.

Не паметиш ли кога на почетокот ти велев: „ова што ми го зборуваш сега, сакам да ми го кажеш и по четири години“. Пронајди ги моите први писма и ќе се увериш. Ова е непроменлив Божји Закон. По три, четири, а поретко и по пет години, ќе се повлече благодатта, за оној што претходно ја имал да го извежба, и да го направи помудар. Секако, ако тој сака.

Значи, немој да се жалостиш. Чашата е заедничка. Прочитај го свети Андреј Јуродивиот заради Христа, за да дознаеш што зборуваше кога Христос го проверуваше. Тоа за сите нас е според мерката на нашата издржливост.

Трпи го јаремот на твојот Христос. Цврсто затворај ја устата и ни збор не проговарај! Охрабрувај се самиот себеси, велејќи: „што се жалостиш душо моја и што очајуваш? Никакво зло не се случи. Си замина Христос само краткотрајно, но повторно ќе дојде. Малку се забавил, сакајќи да те научи на смирение и на трпение. Светителите толку многу претрпеа, а ти не си во состојба ни малку да ја потрпиш економијата на благодатта“. Кажи ѝ го ова на твојата душа и не очајувај, бидејќи на твоите искушувачи им причинуваш радост, кога те гледаат ожалостен и очаен. Кога ќе дојде благодатта, пак ќе те напушти и повторно ќе се врати – така ја учиш борбата. Секогаш во радост кажувај си: „испробај ме, Христе мој, и исчисти ме како сребро!“. Тогаш ќе пуштиш длабоки корени како дрвјата, кои колку и да дува ветерот, уште подлабоко се вкоренуваат. Бог ми е сведок дека во големите искушенија најдов поголема утеха. Значи, охрабри се и зајакнувај во Господа претрпувајќи ги искушенијата, а благодатта ќе дојде повторно.

Старец Јосиф Спилеот