Послушајте, христољубиви браќа, за второто и страшно доаѓање на нашиот Владика Исуса Христа. Си спомнав јас за тој час и се растреперив од голем страв, мислејќи тогаш за она што ќе се открие пред нас. Кој ќе го опише тоа? Кој јазик ќе го изрази? Кој слух ќе го понесе? Тогаш, Царот над царевите, откако ќе стане од престолот на Својата слава, ќе слезе да ги посети сите жители на вселената и ќе ги расчисти Своите сметки со нив, како што доликува на судија. На достојниот ќе му даде добра награда, а оние кои заслужуваат казна, на маки ќе ги подложи. Кога ќе размислам за ова, морници ми идат по целото тело, очите ми солзат, гласот ми исчезнува, јазикот ми се скаменува, разумот ми е склон да молчи – но за ваша полза, нешто ме тера да говорам, зашто страв ми е да молчам.

Тогаш човечките коски, откако ќе го слушнат гласот на трубата, брзо ќе се раздвижат и ќе го образуваат својот претходен состав: тогаш ќе видиме како секое човечко суштество моментално ќе воскресне од своето место и сите од четирите краишта на земјата ќе се соберат на суд. Големиот Цар, Кој има власт над секоја плот, ќе заповеда. И веднаш, со брзина и трепет, земјата ќе ги даде своите покојници и морето ќе ги извади своите мртовци. Сѐ што ѕверовите го раскинале, што робовите го раздробиле, што птиците го расипале, сето тоа за миг ќе се појави – ниту едно влакно не ќе се изгуби. Како ќе ја понесат нашите очи огнената река, која тече јаросно како свирепо море; која повлекува планини и полиња; која ја изгорува целата земја и делата човечки врз неа?! Тогаш од тој оган реките ќе пресушат, изворите ќе исчезнат, ѕвездите ќе паднат, сонцето ќе се помрачи, месечината ќе изгасне, небото ќе се свитка како свиток, крстот ќе се оцрта, престолот ќе се постави, Царот ќе се јави! Во тој час сите нека се размислат како ќе Го пречекаат Царот и нека ги проверат делата на својот живот – секој ќе ги види своите дела пред себеси и добрите или лошите. Тогаш, милостивите ќе бидат помилувани; кои се покајале – ќе им биде простено; кои искрено се молеле – ќе бидат слушнати; кои живееле во Бога ќе добијат блаженство, а кои Го одрекувале во својот живот – плач и маки за навек ќе им претстојат!

Ти се молам Христе, светлино на вистината, рожба на благословениот Отец, образ на Неговото лице, десница на Неговото величие, недостижен Исусе, радост за оние кои Те сакаат, веселба на која Ти се надеваат, моја светлина и живот, спаси ме грешниот во Своето царство! Работникот се надева за плата, а јас Те воспевам и мојот јазик Те прославува. Не ми возвраќај за од мене направеното и не гневи се за моите дела, а помилувај ме според Твоето милосрдие и спаси ме според Својата благодат.

Св. Ефрем Сириски